УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Што и да се случи утре, во четврток, со изгласувањето недоверба на сегашната Влада, сегашната динамика во македонската политика ги става албанските партии во фокусот на односите во сферата на македонскиот национализам: местимично-поумерениот, на ВМРО-ДПМНЕ, и екстермниот, на Левица, невешто скриен во обландите за наводната „класна борба“. Во време на пост-идеологии и концепти за „Едно општество за сите“, маргиналната позиција на радикалната Левица, очигледно, успева да ги доведе сите потенцијални сојузници за рушењето на власта во тешка дилема: ако само „голото“ освојување на власта не е цел сама по себе, што би била тогаш суштината за мултиетнички политички коалиции во Македонија?.читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „ Апасиев ќе го сруши и Мицкоски “.
Дали Скендер Реџепи – Зејд и неговата партија ќе ја лапнат јадицата што им ја фрли ДПМНЕ и ќе дозволат да останат заплеткани во пајажината на Мицкоски и Апасиев? На ваква провидна игра може да наседнат само наивни.
Кому Зејд мисли дека треба да му се докажува дека не е „фатен“ од СДСМ и ДУИ? На Мицкоски и Апасиев? Затоа ли ќе се согласи да биде играчка во рацете на Мицкоски и Апасиев? Уште еднаш, во болд: Мицкоски и Апасиев? Може и извичник да се додаде, како во една легендарна изјава на Мицкоски од времето на „кафана и теретана“, пишува Џабир Дерала во новиот едиторијал „ Во пајажината на Мицкоски и Апасиев “
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
ВАЖНИ НАЈАВИ И АКТИВНОСТИ НА ЦИВИЛ
МОНИТОРИНГ на www.civilmedia.mk за да се информираат навремено за сите активности во кои има простор за нивно учество.
ПРОДУКЦИЈА Тимот на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА ќе имаат голем број средби и интервјуа со кандидатките и кандидатите на локалните избори.
АНГАЖМАН ЦИВИЛ е отворен за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на [email protected].
НАСТАНИ
ПОСЕТА: Холандскиот премиер Марк Руте денеска ќе престојува во посета на Северна Македонија. Ова е прва посета на еден холандски премиер на државава, а се случува во момент кога земјата е соочена со политичка криза и ден пред гласањето доверба на Владата. Руте доаѓа во Скопје и во време на блокада од Бугарија на евроинтеграцијата на Северна Македонија.
Како што соопшти Холандската амасада во земјава, Руте ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со претставници на младите од граѓанското општество, а посетата ќе ја заокружи со работна вечера што ќе ја приреди претседателот Стево Пендаровски.
Во соопштението на Амбасадата се посочува дека на средбите ќе стане збор „за добрите односи меѓу Холандија и Северна Македонија, европската соработка, случувањата во регионот и соработката во НАТО“
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска хибридно – во свечената сала за седници и онлајн, ќе го одбележи Светскиот ден на науката за мир и развој.
На настанот, кој со поздраво обраќање ќе го отвори ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, ќе бидат промовирани добитниците на годишните награди за најдобри научници и уметник на Скопскиот универзитет за 2020 година, во сите научноистражувачки подрачја и уметностите.
Ќе биде промовиран и добитникот на плакета за особен придонес во развојот на научноистражувачката дејност на Универзитетот како признание за објавени најголем број научни публикации индексирани во базата на Web of Science во изминатата деценија 2011-2020 и придонес за афирмација на Универзитетот во земјата и странство.
Во рамки на настанот ќе се одржи и панел на тема „УКИМ во интернационални рамки“ и промовирање на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ.
КОНВЕНЦИЈА: Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска ќе биде домаќин на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23), која ќе ја одржи деветтата сесија на тема „Нов извештај на Европската комисија – стари проблеми: Како до поголема ефикасност во изрекувањето и извршувањето на мерката конфискација на имот“, во организација на Европското движење. Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Џулијан Васало и словачкиот амбасадор, Хенрик Маркуш ќе имаат воведни обраќања во темата. Во дебатата ќе бидат вклучени македонски и словачки правни експерти, адвокати, универзитетски професори, како и претставници на Јавното обвинителство, Основниот кривичен суд, Агенцијата за управување со одземен имот и управите за финансиска полиција и финансиско разузнавање.
Дебатата може да се следи во Клубот на пратеници со физичко присуство или онлајн преку следниот линк – https://us02web.zoom.us/j/82269373135
КАМПАЊА: „Прекини го кругот – омразата не е твој стил“ е насловена кампањата за информирање на јавноста што денеска ќе ја почнат Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Агенцијата за млади и спорт, со која ги повикуваат младите да помогнат да се зголеми свеста за штетните ефекти на нетолеранцијата и омразата.
Дизајнирана да одговори на негативните наративи поврзани со сите форми на нетолеранција, кампањата има за цел да влијае на општествениот дискурс на позитивен начин, не само кај младите, туку и во општеството како целина.
КУЛТУРА: Младинскиот културен центар во Скопје, вечерва ќе биде местото каде ќе се одбележи настанот „50 години македонски анимиран филм“. Одбележувањето на јубилејот ќе опфати изложба на артефакти од „златното доба“ на македонскиот анимиран филм (1971-1991), како и изложба на артефакти од актуелните автори на анимиран филм кои ја сочинуваат сцената денес.
Освен изложба, предвидени се дискусии со авторите од „златното доба“ и сцената денес, проекции на филмови, како и презентација на публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971-1991“, која е резултат на истражувачката работа на Иван Ивановски и Слободан Јаќоски.
РАБОТИЛНИЦА: Здружение Кажи кога – Центар за инклузивен развој Скопје денеска ќе одржи работилница за „Јавните простори и улогата на граѓаните и општините во нивното планирање, одржување и трансформација“.
Работилницата, како што посочуваат организаторите, се организира во рамки на проектот „Наш град“, поддржан од Амбасадата на САД во земјата и спроведуван од Здружението Кажи кога и Регионалниот центар за застапување – Делчево.
На работилницата, најавуваат оттаму, ќе присуствуваат градоначалниците на општините Аеродром и Кисела Вода, Тимчо Муцунски и Орце Ѓорѓиевски, претставници на Амбасадата на САД, жители на општините Аеродром и Кисела Вода, архитекти и претставници на граѓански организации и иницијативи.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев