ВЕСТ НА ДЕНОТ
ИФИМЕС со прашалник: дали дел од партиите на Албанците ја предаваат Северна Македонија во руски раце
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) со контроверзен генерализирачки наслов, објави анализа на актуелните состојби.
Во анализата се наведува дека пред очите на македонската и меѓународната јавност се одвива завршната фаза од тајната разузнавачка операција „Коњички скок“, која има крајна цел враќање на Никола Груевски и соборување на актуелната власт.
Меѓународниот институт ИФИМЕС ја предупреди јавноста дека Зоран Заев (СДСМ) и неговата влада ќе бидат соборени по локалните избори, а тоа сценарио во моментов е во завршна фаза на реализација. Процесот започна јавно со објавување на „нон-пејперс“ кои му се припишуваат на словенечкиот премиер Јанез Јанша (СДС/ЕПП). Во Северна Македонија и Босна и Херцеговина се одвиваат два паралелни дестабилизациски процеси, и двата координирани од Будимпешта. Оправдано е прашањето за улогата на Словенија како претседавач со ЕУ и нејзиниот премиер Јанез Јанша во овие процеси, се наведува понатаму во анализата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
НОВ СПИСОК Во Собранието попладнево е поднесен нов ревидиран список со барање за изгласување недоверба на Владата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот список е достaвен до собраниската Архива и на него, како што наведуваат, од тактички прчини ги нема потписите на неколкумина пратеници кои биле на претходната листа. Очекуваат утре да има седница на Собранието и да и биде исгласана недоверба на Владата.
ПРОЦЕДУРИ Доколку не и се изгласа недоверба на Влада, наредните 90 дена не може да има повторно гласање за ова прашање, изјави синоќа претседателот на Собранието, Талат Џафери.
ПОСЕТА Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска го пречека претседателот на Владата на Кралството Холандија, Марк Руте, по повод неговата прва посета на Северна Македонија. Посетата се одвива во светло на добрите билатерални односи меѓу Холандија и Северна Македонија, но и во контекст на заложбата од холандска страна за безусловен почеток на пристапните преговори со Европската Унија што беше афирмирана и на Самитот ЕУ-Западен Балкан одржан во Брдо, Словенија во месец октомври.
ГРАД СКОПЈЕ Соочени со енергетската криза која е во тек, а имајќи во предвид дека државата набавува електрична енергија со драстично повисока цена, како и во согласност со владината одлука за прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, сакаме да ја информираме јавноста дека Град Скопје побара раскинување на договорот со Линк медиа плус дооел за новогодишно украсување на градот во вредност од 14.986.000 денари односно 243.000 евра, информираат денеска од Град Скопје.
МОН По повод Меѓународниот ден на науката – 10 Ноември, Министерството за образование и наука соопшти дека гради систем кој ќе обезбеди континуитет во вложувањето во науката и дека државата презема конкретни чекори и посветува огромно внимание на развојот на науката, истражувањето и иновациите како клучни носители на севкупниот општествено-економски напредок и еден од основните услови за интеграција во Европската Унија.
ВАНДАЛИЗАМ Поранешната претседателка на Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ Љубица Јанчев, на својот Фејсбук профил објави дека утрово, на осветлен паркинг во Аеродром, кој се наоѓа спроти полициската станица со пур- пена е оштетен нивниот семеен автомобилот .
КАМПАЊА „Прекини го кругот – омразата не е твој стил“ е насловена кампањата за информирање на јавноста што денеска ќе ја почнат Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Агенцијата за млади и спорт, со која ги повикуваат младите да помогнат да се зголеми свеста за штетните ефекти на нетолеранцијата и омразата.
ЕДИТОРИЈАЛ: Во пајажината на Мицкоски и Апасиев
„Дали Скендер Реџепи – Зејд и неговата партија ќе ја лапнат јадицата што им ја фрли ДПМНЕ и ќе дозволат да останат заплеткани во пајажината на Мицкоски и Апасиев? На ваква провидна игра може да наседнат само наивни. Кому Зејд мисли дека треба да му се докажува дека не е „фатен“ од СДСМ и ДУИ? На Мицкоски и Апасиев? Затоа ли ќе се согласи да биде играчка во рацете на Мицкоски и Апасиев? Уште еднаш, во болд: Мицкоски и Апасиев? Може и извичник да се додаде, како во една легендарна изјава на Мицкоски од времето на „кафана и теретана“, пишува Џабир Дерала во новиот едиторијал „Во пајажината на Мицкоски и Апасиев“.
ДИСТРИКТ: Борче Трајковски – Боки Бургија
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервјуто на Зоран Иванов со Борче Трајковски – Боки Бургија, писател, хроничар, колумнист, бургијаш, тазе пензионер. Тој во интервјуто зборува за: СЈО и Катица Јанева, Бранковизам и Заевизам, Мицкоски и тој во влада, локалните избори и странците, Данела Арсовска и Скопје…
СЛОБОДНА ЗОНА
„Што и да се случи утре, во четврток, со изгласувањето недоверба на сегашната Влада, сегашната динамика во македонската политика ги става албанските партии во фокусот на односите во сферата на македонскиот национализам: местимично-поумерениот, на ВМРО-ДПМНЕ, и екстремниот, на Левица, невешто скриен во обландите за наводната „класна борба“. Во време на пост-идеологии и концепти за „Едно општество за сите“, маргиналната позиција на радикалната Левица, очигледно, успева да ги доведе сите потенцијални сојузници за рушењето на власта во тешка дилема: ако само „голото“ освојување на власта не е цел сама по себе, што би била тогаш суштината за мултиетнички политички коалиции во Македонија?“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Апасиев ќе го сруши и Мицкоски“.
Д. Тахири