Иницијативата „Луѓето на прво место“ на 26 ноември 2025 година ги повика клучните лидери вклучени во предложениот мировен план за Украина да осигурат дека секој мировен договор во врска со руската војна против Украина ќе ја постави човечката димензија во срцето на процесот, соопшти Хјуман рајтс воч.
Од Иницијативата испратија отворено писмо до функционери, меѓу кои претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, шефовите на држави на земјите членки на Европската унија, премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.
„Луѓето мора да бидат на прво место“, изјави Бенџамин Ворд, в.д. директор за Европа и Централна Азија во Хјуман рајтс воч. „Ослободувањето на лицата задржани поради конфликтот треба да биде во фокусот на секој мировен напор.“
Иницијативата „Луѓето на прво место“, која има за цел да го обезбеди ослободувањето на лицата задржани за време на војната, беше започната во јануари. Во моментов ја сочинуваат 73 украински, руски и меѓународни организации за човекови права, вклучувајќи ја и Хјуман рајтс воч.
Во своето писмо, иницијативата ја нагласи потребата да се ослободат украинските цивили задржани од Русија, воените заробеници од двете страни, руските политички затвореници гонети поради нивните антивоени ставови или активности, како и украинските деца депортирани или присилно префрлени од руските власти.
Коалицијата изрази загриженост дека украинските цивили и воените заробеници во руски притвор и понатаму се соочуваат со сериозен ризик, вклучително и со суров и систематски третман што ги загрозува нивните права и достоинство.
Д. Т.












