Општинската изборна комисија во 13,40 часот објави дека до 13,00 часот на 24-те избирачки места во Општина Валандово, на референдумот гласале 2.186 граѓан(к)и, или излезноста е 21,56 проценти.
Набљудувачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода забележаа помали неправилности, но изјаснувањето на валандовчан(к)и досега главно се одвива без инциденти.
На денешиот референдум жителите на Валандово се изјаснуваат дали се за или против продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и дали се за или против отворање рудници за металични минерални суровини на територијата на општината.
Екипите на ЦИВИЛ и денеска го набљудуваат спроведувањето на референдумот во Валандово, како што и во изминатиот период ЦИВИЛ Медиа ја известуваше македонската јавност за (не)информирањето на јавноста во општината и за опструкциите на граѓанската иницијатива, а во полза на изградбата на рудникот Казандол.
ЦИВИЛ и денеска е отворен за пријавите од граѓанките и граѓаните, како и прилозите на граѓанските новинари за можните нерегуларности во спроведување на референдумот, на телефонскиот број: 071 608 523, или на веб-страницата Слободни избори, или преку порака на Фејсбук страницата Слободни избори.
[divide]
ЦИВИЛ ќе ги објавува информациите од теренот на медиумската платформа на ЦИВИЛ Медиа, во рамките на проектот Слободни медиуми за слободно општество, финансиран од Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.