Писмото со кое претседателот Ѓорге Иванов и’ се обрати на меѓународната заедница, образложувајќи ја сопствената одлука за прекршување на Уставот на Република Македонија, не ја премисли Европската комисија, која останува цврсто на ставот дека Иванов треба да го додели мандатот на партијата која обезбеди мнозинство пратеници!
„Запознаени сме со писмото на претседателот Иванов. Ги повикуваме сите политички актери, вклучувајќи го и претседателот, да го почитуваат изборниот резултат, да постапува согласно Уставот, да го почитува јасното парламентарно мнозинство, да дозволи демократскиот процес да тече. Го повикуваме претседателот да го преиспита својот актуелен став и да овозможи формирање на новата влада“, изјави портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич.
Таа е децидна дека Иванов, а не ЕК е тој кој треба да ја промени својата одлука.
„Како што кажавме неколку пати, нема да коментираме или шпекулираме за некоја специфична Владина програма која сигурно треба да биде во целосна согласност со Уставот на земјата. Ние чекаме брзо формирање на владата која ќе треба да биде ангажирана во спроведување на останатите реформи. Ќе продолжиме да инсистираме да се спроведат сите точки од Пржинскиот договор и итните реформски приоритети. Сето ова е суштествено за да ја вратиме земјата на патот на ЕУ, тоа што го посакуваат и заслужуваат граѓаните“, додаде Коцијанчич која не сакаше да ја коментира Платформата на албанските партии.
Брисел ги повтори и пораките претходно упатени за добрите меѓусоседски односи поради мирот, стабилноста и европската иднина на регионот.