На дебата „За името се работи“, во организација на ЦИВИЛ, Јове Кекеновски од ФРОДЕМ изјави дека прашањето за името и преговорите се резултат на начинот и условите на прием на Македонија во Обединетите нации.
„Сигурни сме дека ако се испочитува нашата правна стратегија за која зборуваме долги години, ќе успееме да го вратиме името Република Македонија во Обединетите нации. Можеби ќе изгледа беспредметно по 25 години од приемот во ОН да тврдиме дека нашиот прием е нелегален. Ова категорично го тврдиме од правен аспект… Едноставно ни се наметнати како држава два дополнителни услови. Едниот да прифатиме привремено име, а другиот да преговараме со Грција за своето име. Се работи за два неправни и дополнително наметнати услови. Со вакво право, односно неправо не можете да барате правда во државата. .. приемот во ОН е воспоставен со нарушување на принципот на самоопределување на легалниот идентитет од една страна, а од друга страна е воспоставен дискриминаторски членски статус, односно правна нееднаквост на Македонија со другите дражви што укажува на правна невалидност на приемот“, изјави Кекеновски, образложувајќи зошто Македонија сè уште преговара за името.
Кекеновски смета дека спорот со името нема бргу да се реши, а прашањето што треба да се постави, смета тој, е зошто паралелно со преговорите не се водела и правна постапка.
Дебата „За името се работи“ е дел од серија мултимедијални настани „Перспективи 2.0“ што ќе се одржуваат до 5 јуни, речиси секој работен ден, на различни локации.
Биљана Јордновска
Камера: Атанас Петровски