Кипарските Турци денеска гласаат на предвремени парламентарни избори по последните минатогодишни неуспешни преговори за обединување на поделениот остров.
Кипар, кој брои еден милион жители, е поделен од 1974 година, кога северниот дел беше окупиран од Турција. Во 1983 година била самопрогласена Севернокипарската турска република, која досега е призната единствено од Анкара. Таа зазема 38 проценти од територијата на островот, каде живеат 300.000 граѓани. Меѓународно признатата Република Кипар е членка на ЕУ од 2004 година.
Севернокипарската турска република сега е управувана од коалиција на десничарската националистичка Партија на национално единство и конзервативната Демократска партија.
Според експерти, Демократската партија на Сердар Денкташ, син на поранешниот лидер и основач на Севернокипарската турска република Рауф Денкташ, би можел да не го премине цензусот од пет отсто поради внатрепартиски спорови.
Партијата на националното единство и Републиканската турска партија во Северен Кипар се двете главни партии на овие избори, по кои следува Народната партија на Кудрет Јозерсаи, поранешен преговарач во мировниот процес.
Експертите сметаат дека изборите најверојатно ќе доведат до формирање на коалициска влада, бидејќи ниту една од партиите не се очекува да освои апсолутно мнозинство во 50-члениот Парламент.
Во меѓународно признатата Република Кипар на 28 јануари ќе се одржат претседателски избори, на кои фаворит е актуелниот претседател Никос Анастасиадис.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.
Одговорноста за редакциското опремување на текстовите (наслов, наднаслов, фотографија, тагови) е на ЦИВИЛ Медиа.