„Законот за употреба на македонскиот јазик е влезен во собраниска процедура и го помина првото читање на собраниската комисија за култура. Сега е во втора фаза каде самото законско решение треба да помине амандмански измени. Бидејќи имавме добра јавна дебата, немавме очекувања дека ќе наидеме на пречки и несогласувања. На јавната расправа и позиција и опозиција номотехнички и содржински го дооформивме законот и не знам каде е сега застојот“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во емисијата „Во живо“ на МТВ.
Таа додаде дека неколку пати од министерството се обратиле до претседателот на собраниската комисија, кој кажал дека нема повратна информација од пратениците до каде е доуредувањето на законот.
„Би апелирала до пратениците, без разлика дали се позиција или опозцијата да се вратат на тоа што го договоривме за дооформување на законот, бидејќи ни е потребен. Имаме потреба што побрзо да биде донесен“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката додаде дека министерството веќе се подготвува за законските измени, за зголемениот број на лица кои ќе полагаат лектроски испит, но и се подготвува тлото за инспекторатот.