„Сите ние имаме одговорност пред граѓаните и пред земјата. Заедно треба да застанеме, рамо до рамо и да го браниме државниот интерес. Ние ќе продолжиме со нашата посветеност и со нашата работа, нашата рака за дијалог останува подадена. Нека размислат, ќе им дадеме уште време. Ние од СДСМ бевме на вистинскиот пат и државата ја донесовме на вистинскиот пат. Ние сме на вистинскиот пат и сега е време да се продолжи по вистинскиот пат“ рече премиерот Димитар Ковачевски на трибината „МК во ЕУ до 2030“ во Куманово.
Тој додаде дека разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е разликата помеѓу изолација и интеграција во ЕУ, а граѓаните сакаат да живеат во ЕУ и затоа треба да се донесе таа одлука.
„Пред сите нас е историска шанса да го продолжиме европскиот пат на земјата за што маме досега невидена и силна поддршка од нашите стратешки партнери, ЕУ и САД. Доколку не ги направиме следните чекори, евроинтеграцијата ќе запре и ние повторно ќе се најдеме во состојба на стагнација како онаа што ја имавме цели 10 години до 2016. Видовме 20 години што значи водење на политика за собирање на дневни политички поени и правење на рејтинзи. И што добивме? Изгубивме 20 години“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде ако спорот со Грција се решеше пред 20 години, ние ќе бевме заедно со Хрватска членка на НАТО и ЕУ, бидејќи пред нив трнавме на патот кон ЕУ.
„Ние тргнавме кон ЕУ пред Хрватска а сега тие имаат и Шенген ја имаат и Европа имаат и подобар стандард. Затоа е важно одлуката за продолжување на европскиот пат што поскоро да ја донесеме. Не смееме да дозволиме нова изолација, нови бранови иселувања на младите, нови барања за странски пасоши“ рече Ковачевски.