По утринското чествување на националниот празник Илинден во црквата „Свети Спас“ во Скопје, во која премиерот Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов, се поклонија на гробот на Гоце Делчев, Заев заминува за Подгорица, каде, заедно со премиерот на Црна Гора, Душко Маровиќ, е кодомаќин на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба, на кој ќе учествува и потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
Заедно со Заев, во составот на делегацијата на Република Македонија се и заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана,Радмила Шекеринска Јанковска, заменик – претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и за политички систем Хазби Лика, министерот за надворешни рабти Никола Димитров и пратеникот Стево Пендаровски.
На самитот се очекува американскиот потпретседател Пенс да ја нагласи посветеноста на САД на Западниот Балкан и да го подвлече значењето на доброто владеење, на политичките реформи и на владеењето на правото.
На самитот покрај македонскиот премиер Заев, ќе учествуваат и премиерите на Албанија – Еди Рама, на Хрватска – Андреј Пленковиќ, на Црна Гора – Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи, Србија, кој ја претставува премиерката Ана Брнабиќ, Косово – претседателот Хашим Тачи и Словенија – премиерот Миро Церар.
Свечениот дел од Самитот на земјите членки на Јадранската повелба ќе отпочне во 13:00 часот со изјави на кодомаќините, премиерите Заев и Марковиќ, по што обраќање ќе има потпретседателот на САД Мајк Пенс. Потоа се предвидени билатерални средби на шефовите на делегациите со потпретседателот на САД, по што ќе отпочне работната сесија на самитот, на темите „Интеграциски процеси во регионот“ и „Улогата и придонесот на Јадранската повелба кон регионалната и глобалната безбедност“.
Во пресрет на самитот во Подгорица, македонскиот премиер Заев истакна дека на средбата со потпретседателот Пенс ќе ја нагласи решеноста на новата македонска Влада за спроведување на неопходните реформи за евро-атлантска интеграција и ќе побара поддршка од САД и од другите земји членки на НАТО за прием на Македонија во Северноатлантската алијанса.
И потпретседателот на САД Пенс во телефонскиот разговор со Заев на 10 јули, искажа позитивни очекувања од средбите со лидерите на земјите од Јадранската повелба во Црна Гора и ја повтори поддршката на Вашингтон на евро-атлантските аспирации на Македонија.
Македонија, заедно со Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина е членка на Јадранската повелб , а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата.
Групата Јадранска повелба е формирана под покровителство на САД во 2003 година и има за цел да ги координира активностите за поддршка на земјите-аспиранти за членство во НАТО.