Викенд преглед на најважните настани во Република Македонија (11-12 јуни 2016 година): Неопходно е да се формира Специјално одделение во Судот || Власта неовластено снима ||Само оставка може да го оправда Ѓорге Иванов || Меѓународната федерација на новинари го осудува апсењето на Зоран Божиновски || Невладините организации да се вклучат во ажурирањето на Избирачкиот список || СЈО не коментира политички изјави || И малите партии да се вклучат во преговорите.
11.06.2016
Неопходно е да се формира Специјално одделение во Судот
Адвокатот Звонко Давидовиќ, вели дека е крајно време за формирање на специјално одделение во судот, во кое ќе се постапува по истрагите на Специјалното обвинителство. Специјалното одделение би функционирало само доколку однапред се знае дека судиите во неговиот состав се независни, без надворешни влијанија, оценуваат дел од правниците. Адвокатот Давидовиќ вели дека по примерот на Специјалното обвинителство, Специјалното одделение, како посебно тело, ќе може да работи независно.
Власта неовластено снима и „дистрибуира„ снимки на свои медиуми
На Интернет портaл што е под строга контрола на власта, беа објавени снимки од протестот на Шарената револуција, кога демонстрантите ја боеја улицата пред Собранието на Република Македонија. Порталот што ја објави снимката, напиша дека „дошле до снимките“, меѓутоа, не наведе како и од кого го добиле видео материјалот. Адвокатката Сандра Гавриловска, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека МВР има право да им дава снимки на медиумите, но, дека медиумите мора да го наведат изворот од каде потекнуваат снимените материјали што ги објавуваат.
Само оставка може да го оправда Ѓорге Иванов
Само оставка може да го оправда Ѓорге Иванов, по неговата одлука за групно помилување на 56-мина политичари, од кои повеќето се случаи на кои работи СЈО, а која потоа самиот ја отповика. Ова е ставот на опозицискиот блок (ДУИ, ДПА, СДСМ), во пресрет на собраниската седница на која ќе се разгледува барањето за импичмент на Иванов.
12.06.2016
Меѓународната федерација на новинари го осудува апсењето на Зоран Божиновски
Меѓународната федерација на новинарите, на нејзиниот 29-ти Светски конгрес, кој се одржа од 7 до 10 јуни во францускиот град Ангерс, усвои ургентна резолуција предложена од Здружението на новинарите на Македонија, со која се осудуваат македонските власти за апсењето на новинарот Зоран Божиновски, соопшти Здружението на новинари на Македонија.
Невладините организации да се вклучат во ажурирањето на Избирачкиот список
“Мост” бара поголема улога во работната група на ДИК за ажурирање на Избирачкиот список. Златко Димитровски од оваа граѓанска асоцијација вели дека ако целта на формирањето на групата би била навистина нешто да се промени, тогаш невладините организации не треба да бидат само обични набљудувачи.
СЈО не коментира политички изјави
Политички изјави не коментираме, порачаа од Специјалното обвинителство по повод изјавата на градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски кој претходно ја повика специјалната обвинителка Катица Јанева да дебатираат за случајот „ТНТ“ што го отвори СЈО, „Сите докази се дадени на суд, а не служат за докажувања во јавноста“, велат од СЈО.
Трајковски ја обвини Јанева дека ги сокрила сите факти и аргументи и отворено застанала на ставот дека некои дивоградби мора да се третираат поинаку од останатите.
И малите партии да се вклучат во преговорите
Четворицата лидери, потписници на Договорoт од Пржино потфрлија и не го спроведоа договореното, па оттука, нема основа тие повторно да преговараат за нови избори и преодна влада, сметаат повеќе помали партии. Од Коалицијата за правда и промени инсистираат во преговарачкиот процес активно да бидат вклучени и другите политички партии, медиумите и граѓанскиот сектор.
ЦИВИЛ одржа обука за граѓански новинари
ЦИВИЛ Центар за слобода во саботата спроведе обука за граѓанско новинарство во хотелот „Сити Парк“ во Скопје. на десетина заинтересирани граѓанки и граѓани, кои аплицираа за учество на натпреварот „Биди граѓански новинар“.
ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]