По објавениот извештај на Фридом Хаус, каде што Македонија се најде во десетте најважни земји за надзор во 2018 година, ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со Фридом Хаус, за да дознае повеќе за методологиите кои ги користат за нивното набљудување.
„Ние ќе продолжиме да ја евалуираме Македонија според истите стандарди што ги користиме за секоја земја. Ова вклучува серија на 25 индикатори за политички права како и граѓански права“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, директорот за комуникации на Фридом Хаус, Роберт Руби.
Во извештајот на Фридом Хаус се наведува дека демократски избраната и етнички инклузивна влада, се обидува да ја искорени корупцијата, како и другите системски злоупотреби кои се зголемија со скандали зафатени од претходната влада. Тука е и решавањето на „спорот за името“ со Грција која го попречува патот на земјата за членство во Европската унија.
Руби напоменува дека годинава одредиле десет земји кои според нив ќе претрпат промени во 2018 година, во некои случаи овие земји ќе претрпат позитивни, но некои и негативни промени во својот демократски статус.
„Овие земји се крајно различни и имаат многу различни фактори кои доаѓаат предвид и затоа не треба да се споредуваат една со друга“, додава тој.
Ермин Климента