Францускиот претседател Емануел Макрон им наложи на министрите на синоќешната вонредна владина седница „да продолжат да прават се за да се воспостави редот и да се гарантира враќање на безбедноста и мирот во француските градови“, каде што немирите предизвикани од полициското убиство на малолетникот Наел М. траат веќе шест дена.
На барање на Макрон, премиерката Елизабет Борн денеска ќе ги прими претседателите на претставничките групи во Националното собрание, пренесува БФМТВ.
Синоќа беше помирно од претходните ноќи, а полицијата приведе 78 демонстранти, речиси 10 пати помалку отколку ноќта од саботата кон неделата.
Иако помирна, и петтата ноќ од немирите во Франција помина тензично – уапсени над 700 демонстранти
Во Париз беа уапсени 20-тина демонстранти, но на местата каде што претходните денови жестоко се судрија демонстрантите и полицијата, синоќа беше релативно мирно.
Само во ноќта од саботата кон неделата се уапсени 719 лица, повредени се 45 полицајци и жандарми, опожарени се 577 возила и 74 објекти, а на јавните патишта евидентирани се 871 пожар, соопшти француското МВР.
По приемот на премиерката Елизабет Борн и седум министри во неделата навечер, претседателот Емануел Макрон денеска ќе се сретне со претседателот на Сенатот Жерар Ларше, а потоа и со Јаела Браун-Пиве, претседател на Националното собрание.
Во вторник Макрон ќе прими 220 градоначалници и претседатели на општини во Елисејската палата, каде во изминатите неколку дена демонстрантите жестоко се судрија со полицијата и запалија автомобили и куќи, соопшти претседателската администрација.