Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска е домаќин на српската делегација предводена од министерката за евроинтерации на Република Србија, Тања Мишчевиќ, со која на билатералната средба потпишаа Меморандум за соработка за прашања од областа на евроинтеграциите.
„Со министерката за евроинтеграции на Србија Тања Мишчевиќ потпишавме меморандум за соработка во областа на евроинтеграциите. Со Тања се знаеме долго и сме соработувале. Овој меморандум е круна на соработката и поттик да продолжиме понатаму“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на прес конференција со српската министерка за европски интеграции Тања Мишчевиќ.
Тој додаде дека меморандумот за соработка е потврда дека се дава особено значење на соработката и развојот на билатералните односи меѓу двете земји во исполнување на стратешките цели.
„Двете влади имаме иста задача и мисија – да ги приближиме нашите граѓани до вредностите на ЕУ во наредните години и нашите држави да станат членки на ЕУ што поскоро“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека Србија има подолг стаж на преговарање од Северна Македонија, па има и значајни искуства од кои може да учиме, но исто така ние преговараме и водиме скрининг по новата методологија, со работи и теми кои прв пат се дел од процесот, па имаме и ние искуство и знаење што може да го споделиме за заеднички да се поддржиме.
М. Д.