ЦИВИЛ им го честита Меѓународниот ден на демократијата на сите граѓанки и граѓани, потсетувајќи дека борбата за демократија во Република Северна Македонија е континуиран процес и трае.
Вредностите на слободата, почитувањето на човековите права и принципот на одржување периодични и вистински избори со универзално право на глас се основните елементи на демократијата.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Апостол Симовски: Во два случаи имавме обид за хакерски напад на самиот процес на пописот, но и двата се успешно одбиени.
Постојано е хакирана нашата веб страница. Веројатно целта е корисниците да не бидат во можност да ги следат нашите информации. Во два случаи имавме обид за хакерски напад на самиот процес на пописот, но и двата се успешно одбиени. Не е предизвикана никаква штета. Немам сознанија од каде се, но знам дека денес може да се направи таков обид од било каде, а да не знаете од каде доаѓаат нападите.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИЗБОРИ Општинските изборни комисии веќе ги потврдуваат листите за кандидати и советниците за локалните избори на 17 октомври. Брзината на потврдувањето на кандидатурите зависи од проверката на податоците за кандидатите од институциите, имајќи предвид дека станува збор за голем број кандидати. Институциите се должни информациите во електронска форма да ги достават до ОИК.
ОБРАЗОВАНИЕ Вчера бројот на позитивни ученици во училиште е 0,01, што значи дека се помалку новозаразени во споредба со понеделникот. Досега немаме индикација дека наставниот модел треба да се менува, но во моментот кога ќе добиеме индикација за промена на моделот ние сме спремни така да постапиме, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
БЕГАЛЦИ На Меѓународниот Аеродром во Скопје денеска се очекува да пристигнe нова група граѓани од Авганистан.
БИЛАТЕРАЛА Владите на Република Северна Македонија и Република Косово утре во Скопје ќе одржат заедничка седница, на која ќе се потпишат низа договори и меморандуми со кои ќе се продлабочи и зајакне соработката меѓу двете држави.
ИНТЕГРАЦИИ Со учество на претставници од земјите од Западен Балкан, меѓу кои и заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања Никола Димитров, попладнево во Солун ќе се одржи специјална конференција за регионот „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“.
ВАКЦИНАЦИЈА Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 763.965 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.057 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.493 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.411.735 дози вакцини, а ревакцинирани се 647.769 граѓани.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Во денешниот Политички океј корал:
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зиадин Села денеска оствари средба со шефот на мисијата на ОБСЕ-ОДИХР во Скопје.
Главна тема на која се препукуваат политичките партии се уште е трагедијата во Тетово во која загинаа 14 лица. ВМРО-ДПМНЕ и денеска бара оставка од Заев, Филипче и Хасани, додека од СДСМ одговараат дека опозицијата, продолжува со обидите да спечалат некој политички поен на несреќата во Тетово.
МОНИТОРИНГ
Лажна вест и дезинформација е вчерашната објава на порталот мкденес.мк и Фејсбук статусот на лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески дека премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев е исклучен од протоколот на канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел, која денес допатува на еднодневна работна посета на Тирана.
„Ексклузивното“ објавување на т.н. “Non-paper” за македонско – бугарскиот спор од „Клан Македонија“, и покрај демантите од Владата и претседателот на државата дека станува збор за официјален предлог, предизвика бура од медиумски содржини, дел од кои изобилуваа со невистини, потпалувачки говор и говор на омраза, читајте во анализата на Жарко Трајаноски „Нон-пејпер, хартија за медиумско потпалување етнички страсти и „патриотски“ говор на омраза’’
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
Во тек е повикот за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Заинтересираните можат да се пријавуваат по пат на едноставна онлајн апликација до 30 септември. На медиумската платформа на организацијата достапни се и одговори на најчесто поставуваните прашања. Во овој период се спроведува и долгорочен изборен мониторинг, кој беше интензивиран од 15 август.
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
СЛОБОДНА ЗОНА
По пожарот во болницата во Тетово кој одзеде 14 животи, од секаде ечи зборот – одговорност. Јавни личности од политиката, медиумите, од економскиот и општествениот живот, инфлуенсери на социјалните мрежи – сите зборуваат за одговорност. И со право. Одговорност треба и мора да има.
Но, каква и на каков начин? По принципите на демократијата, правото и правдата, или по оние на сезнајната толпа за линч на социјалните мрежи?, пишува во својата колумна „ За одговорноста и притисокот од јавноста ‘’ Петрит Сарачини
Завршната турнеја на Ангела Меркел на Балканот, со бирање на Белград и Тирана како места за значајни политички владини и невладини средби – веројатно тој „прелет“ од Србија и Албанија преку Косово е пораката што германската канцеларка на заминување сака да ја испрати за затворањето на најгорливото статусно регионално прашање – е голем гест на еден од најважните светски политичари на современата европска и глобална политика. Во целиот свој речиси дводецениски канцеларски мандат, Меркел со посветеност ги следеше случувањата на Балканот, во својот препознатлив, „пригушен“ лидерски манир: без многу сликања и снимања, без ексклузивитети и паради, но со време и трпение да ги ислуша сите разумни страни во споровите за недоразбирањата што ги брануваа регионалните политички и општествени „води“, пишува Сашо Орданоски во „Данке Дојчланд за „мама Меркел“!’’
Сè понервозни стануваат „левичарите/десничарите“ бидејќи тешко им оди пропагандата (читај кампањата) да не се попишуваат граѓаните, односно да „не ја отвараат вратата“.
Вратата, речиси во секој дом е широко отворена за попишувачите, и за само неколку дена, над пола милион граѓани се попишаа на пописот, изјавија од Државен завод за статистика, која е релевантна институција за спроведување на пописот, коментира Дерхан Муратов во „ Големи десничарски желби во мали левичарски чевли’’
Д. Мишев