Министерот за правда Кренар Лога денеска оствари средба со претседателката на ДКСК Билјана Ивановска и нејзината заменичка Катица Николовска, соопшти кабинетот на ресорниот министер.
На состанокот се разговараше за соработката меѓу Министерството за правда и Државната комисија за спречување на корупцијата, како и за активностите кои се преземаат во делот на реализација на мерките и активностите во борбата против корупцијата, но и за потребата од зајакнување на механизмите за спречување и намалување на корупцијата. Констатирана е неопходноста од воведување на законски и контролни механизми за надзор и утврдување на одговорност кај релевантните чинители особено во рамки на правосудството.
Беа разменети ставови и по однос на зајакнување на улогата и проширување на надлежностите на ДКСК и потребите за зајакнување на финансиската независност и состојбата со човечките ресурси на комисијата.
Министерот Лога потенцираше дека во претстојниот период ќе се разгледаат можностите за воведување на законски обврски за доставување анкетни листови на повеќе категории кои не се опфатени со постоечката законска легислатива.