ВЕСТ НА ДЕНОТ
Со пораките „Путин – фашист“, „ЕУ разбуди се“ – одржан мирен марш во Скопје за прекин на војната во Украина
Украинците кои живеат и работат во Северна Македонија, но и граѓанки и граѓани, активист(к)и и неколку политичар(к)и кои ја поддржуваат иницијативата, денеска учествуваа на мирен протестен марш од плоштадот Македонија до Руската амбасада во Скопје.
Пред амбасадата на Руската Федерација во Скопје тие скандираа „Путин – фашист“ во знак на протест против руската инвазија на нивната татковина која започна вчера. Со украински знамиња и пораки „Бидете смирени и сакајте ја Украина“ од Скопје се упати порака до Русија да ја прекине војната.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ: Сопрете го Путин! Слободата и мирот за Украина се слобода и мир за целиот свет!
ЦИВИЛ – Центар за слобода ја осудува воената агресија врз Украина што започна на 24 февруари. Воените операции извршени уште во првите часови од целосната инвазија врз оваа земја сеат страв и ужас кај цивилното население со очигледна намера животот на цивилите да се претвори во оружје на војната.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ВОЈНА Првите руски воени единици навлегоа во Киев, соопшти украинското Министерство за одбрана. Руски „саботери“ веќе бие забележани во областа Оболон на север во главниот град, објави Министерството преку Фејсбук. Информацијата се уште не е потврдена од независни извори. Во моментот таму се водат борби.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Н.Е. Наталија Задорожњук, во потресното обраќање до мадедонската јавност повика за поддршка за украинскиот народ во нивната борба за зачувување на слободата на државата:
САНКЦИИ Вчера се придруживме на санкциите на ЕУ кон Русија, меѓутоа се придруживме и на сите рестриктивни мерки што ЕУ ги воведе од 2014 година кога беше анектиран Крим, со цел да ја одвраќаме Русија од продолжување на овој воен конфликт, изјави шефот на дипломатијата Османи.
ЕКОНОМИЈА Европската комисија објави инвестициски пакет од 3,2 милијарди евра за унапредување на одржливо поврзување во Западен Балкан.
Пендаровски, Џафери, Ковачевски, Петровска и Груби говорат за руско – украинската криза за ЦИВИЛ
ЦИВИЛ – Центар за слобода како организација за човекови права и слободи и ЦИВИЛ Медиа како дел од медиумската платформа на организацијата будно ги следи актуелните случувања со руско – украинската криза, со редовно известување и анализирање на состојбите, на дневна основа.
Два дена пред воениот напад врз Украина од страна на Руската Федерација, ЦИВИЛ испрати прашања до Владата, претседателот на РСМ, претседателот на Собранието на РСМ, сите министерства и сите политички партии, за нивниот став за признавањето на регионите Донбас и Луганск, и наредбата за директна руска воена интервенција во Украина, и за тоа како ќе влијае воената ескалација во Украина на економските и општествено-политичките состојби и процеси во Северна Македонија и земјите на Западен Балкан.
Стево Пендаровски – претседател на Република Северна Македонија: Грубото кршење на меѓународното право е закана за цивилизацијата
„Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња“, истакна Пендаровски.
Талат Џафери, претседател на Собранието на РСМ: Украина е оштетена, ние треба да бидеме претпазливи во контекст на безбедноста
„Треба да се биде претпазлив и во контекст на безбедносните напори. Ние сме членка на НАТО, имајќи предвид дека правиме напори за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, не се сите задоволни и не го прифаќаат сите нашиот напор и нашата определба да бидеме членки на ЕУ и во тој контекст импликациите се ако не директно, тогаш индиректно секако дека може да имаат влијание врз нашите напори“, вели меѓу другото Џафери.
Славјанка Петровска, министерка за Одбрана: Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна и нема потреба од загриженост
„Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна и нема потреба од загриженост. Тоа го потврдуваат институциите задолжени за внатрешната безбедност“, вели Петровска.
Артан Груби, прв Вицепремиер: Силно ја осудуваме одлуката на Русија, се превземаат сите чекори за заштита на безбедноста и сигурноста на нашата земја
Треба да се каже во политичкиот дел дека будно се следат работите, од домашни институции и од НАТО, и дека се преземаат сите чекори за заштита на безбедноста и сигурноста“, посочи меѓу другото Груби.
Димитар Ковачевски, претседател на Владата: Се преземаат сите чекори за заштита на безбедноста и сигурноста
„Што се однесува до економските импликации, во моментов и согласно сегашната состојба и сознанија, проценката е дека може да се очекува некое минимално влијание на металопреработувачката и градежната индустрија како најголеми увозници на украински производи од железо и нелегиран челик. Во случај на поголема ескалација, за очекување е дека овие сектори можеби ќе треба да бараат алтернативни пазари за овие производи.
ЦИВИЛ очекува уште многу одговори од сите засегнати на кои им испративме прашања, а кои ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ Медиа.
ЦИВИЛ денеска излезе со соопштение и видео обраќање во кое ја осудува воената агресија врз Украина што започна на 24 февруари.
„Воените операции извршени уште во првите часови од целосната инвазија врз оваа земја сеат страв и ужас кај цивилното население со очигледна намера животот на цивилите да се претвори во оружје на војната.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Помошникот на Министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, Тони Ангеловски на панелот на ЦИВИЛ „Информациски хаос: Трендови и перспективи“ посочи дека дезинформацискиот хаос во Северна Македонија е реален проблем и дека треба заеднички да се решава.
Jас ќе го повторам тоа што го кажувам со години, закони има, но треба да се почитуваат, вели главната уредничка на Порталб, Елида Зулбеари на панелот на ЦИВИЛ „Информациски хаос: Трендови и перспективи“, што се одржа на 23 февруари 2022.
ДИСТРИКТ
Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Дехран Муратов, новинар, уредник, граѓански активист, хуманист, борец за право и правда, за едно општетсво за сите зборува за Цивил и за себе, за општетсвото и нееднаквоста, за дискриминацијата и институциите, за новинарството, интернетот, лажните вести и за уште по нешто.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Досега, воените и политичките експерти целосно ги промашија прогнозите. Мислам, или поточно – се надевам дека ја промашуваат и оваа поновата прогноза со којашто се стравува од нуклеарна војна, што дефинитивно никому не му е од корист, па ни на Путин. Но, дефинитивно институционалната параноја на рускиот претседател и бизарното однесување на големите лидери го туркаат човекот во колективна параноја во којашто од вчера има побарувачка за јод во аптеките, што сметам дека е доволен доказ за длабокиот немир со кој моментално живее“, пишува Тања Кармзова Костиглиола во колумната „Русија – Украина и општото заложништво на Европа“.
Д. Муратов