Мирен и навремен почеток на прегласувањето на избирачкото место 2901 во СОУ „Иднина“ во Чаир – е констатацијата на набљудувачите на ЦИВИЛ од првиот час на набљудувањето на ова место. До 9 часот гласале 24 гласачи.
Во вториот круг локални избори во оваа избирачко место гласале 278 од вкупно 719 гласачи. Разликата меѓу кандидатите за градоначалници Зеќирија Ибрахими и Висар Ганиу беше 66 гласа предност за Ибрахими. По одбиениот приговор на Беса за избирачкото место 2901 во ОУ „Иднина“, Чаир, Управниот суд Скопје, донесе одлука за прегласување, прифаќајќи ја нивната жалба.
Беса, незадоволна од начинот на спроведување на изборниот процес во вториот круг во Чаир, до ДИК поднесе 89 приговори. Оние што се однесуваа за избирачки места во Чаир, најмногу се однесуваа на броењето на гласовите, каде овластените претставници на партијата констатирале дека за неважечки се прогласувале оние гласачки ливчиња каде, како што се вели во приговорите, е јасно изразена волјата на гласачите, токму за нивниот кандидат за градоначалник.
ЦИВИЛ ќе го набљудува спроведувањето на прегласувањето на ова избирачко место и ќе ја известува јавноста во текот на целиот ден.
Граѓанките и граѓаните и сите засегнати страни кои имаат информации за изборни нерегуларности можат да ги пријават на телефонските броеви 071 608 523, 078 / 746 138 и онлајн формуларот www.slobodniizbori.info.
ЦИВИЛ – Центар за слобода има нулта толеранција кон изборните нерегуларности и ги повикува сите учесници во прегласувањето на избирачкото место 2901, на 12 ноември, да придонесат за мирен, слободен и демократски изборен ден.