СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Со години си ја мачиш душата. На почетокот не’ мачеше и нас, па видовме каков си и сега ни’ е смешно. Тешко ти е оти се залажуваш. Нас, уште потешко со тебе. Нит си за, нит си против. Што си и кој си? Знаеш ли?
Со години Христијан Мицкоски, лидер на ДПМНЕ, најавува и објавува дека има мнозинство, дека пратеници од СДСМ само што не преминале во неговата пратеничка група, дека на повидок е голема победа. Сите изјави беа со краток рок, но Мицкоски не престана да ги дава. Ниту во минатото, ниту откако е претседател, ниту до ден денешен неговите изјави не се потврдија. Не само што не се потврди, туку и во обидот да обезбеди 61 пратеник се посрамоти на јавната сцена по локалните избори во 2021 година.
Деновиве исто така се исполнети со слични триумфалистички изјави за мнозинство. По кој знае кој пат. Кој залажува?
Мицкоски, да се разбереме, нема мнозинство. Нема ниту потенцијален коалициски партнер. Успеа цела политичка сцена да ја сврти против себе и партијата. Дури и Левица.