„Најпрвин ќе те игнорираат, па ќе те исмејуваат, потоа ќе се борат против тебе, но ти на крајот ќе победиш“, напишал на Фејсбук генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој си поднесе оставка од функцијата советник во Град Скопје.
„Почитувани браќа и сестри дозволете ми да Ве информирам дека денес се повлекувам од местото советник во градот Скопје. Ми беше чест и задоволство што ја предводев градската листа на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија“, пишува Мицковски, на Фејсбук.
Во објавата тој наведува дека завршените локални избори беа најлошо организираните избори во демократска Македонија. „Притисоци, уцени, закани, поткуп, насилство, злоупотреба на државни ресурси за партиски цели и што ли уште не…, за жал не се свесни дека оваа рана што ќе ја остават позади себе многу тешко ќе зарасне ќе помине…, но борбата против овој ужас ќе, и мора да продолжи, тоа и го должиме на татковината“, додава Мицковски.
Тој во постот им се заблагодарува на оние кои гласаа за кандидатската листа на ВМРО ДПМНЕ. Мицковски во Фејсбук постот вели: „Мојата битка против оваа власт продолжува во партијата/организацијата, како генерален секретар заедно со моите сопартици, и секако помеѓу клупите на универзитетот“.
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, вели дека нема информации дека било кој друг советник поднел оставка, освен Мицковски.
Шилегов не очекува дека ќе се случи бојкот од страна на избраните советници пред, но и по конституирањето на Советот, со оглед на тоа што локалната власт на град Скопје беше избрана уште во првиот круг по што беа признаени резултатите, а во меѓувреме и ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека нивните претставници нема да се повлечат од функциите.
Д. Муратов