Започна средбата на шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини со претставниците на невладините организации во Македонија.
Пред да биде најавен првиот соговорник, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, Могерини кратко им се обрати на присутните.
„Моето доаѓање овде почнува со оваа средба, затоа што сакам да ве ислушам, знаејќи дека минувате низ тешки времиња кои се витални за вас“, рече Могерини.
На средбата со Могерини, покрај Дерала, кој ќе зборува за слободата на изразување, медиумите и изборите, свое обраќање ќе имаат и Уранија Пироска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Фани Каранфилова Пановска од Фондацијата Институт Отворено општество Македонија и Ана Чоловиќ Лешоска од Еко свест.
Могерини во 15 часот ќе има средби со претседателите на политичките партии во Собранието на Република Македонија, во 16 часот ќе се сретне со претседателот Ѓорѓе Иванов, а во 16.45 во седиштето на ЕУ во Скопје ќе даде изјава за медиумите.