Дури и зачудувачки е како по македонските медиуми секојдневно, без исклучок, орбитираат објави полни со информации и навестувања за решавање на спорот со името. После години на статус кво состојба дневните информации околу спорот нагло влегоа во нашиот секојдневен живот и само што не станале дел од нашите кафеански дебати и чаршиски муабети.
Сепак, впечатокот е дека после сите информации се’ уште сме неинформирани, си земаме здраво за готово дека името по секоја цена ќе се промени, па дури и ќе му наштети на нашиот идентитет. Само прашање на време е кога ништо друго од политичката сцена нема да биде важно, освен името и решавањето на спорот со Грција.
И покрај фактот што владата се соочува со многу долгови, неисплатени кредити и разни побараувања, плаќање пенали, обезбедување дополнителни средства за реконструкција на лошо изградените нови објекти таа мора да изнајде начин да ги информира детално граѓаните за многу работи околу името, па дури и да оддели пари од буџетот за информирање (дебати ширум земјава, новинарски прилози, историјат на спорот со името и слично).
На пример: Кое е значењето на „ерга омнес“ или „севкупна употреба“? Што би значело име со географска одредница и дали тоа го загрозува идентитетот? Што би значело името „Нова Македонија“ и дали и ова име го загрозува идентитетот? Што ќе значи решавањето на спорот со змејите кои нѐ признале под уставното име? И ред други прашања кои граѓаните мора да ги знаат, а мојот впечаток е дека тоа не е случај сега.
За да излеземе на референдум, како што на големо се зборува, мора да бидеме детално информирани за тоа што ќе го заокружиме и како ќе придонесеме кон решавање на спорот со името.
Секако, целата работа нема да помине без дезинформациите на курири, заплашувањата од некои партии и слично, но тоа мора да биде пресретнато од вистинските информации за овој судбоносен и важен за иднината спор.
Ова е важно прашање за нас и затоа треба мудро да го решиме, а за да го решиме и да продолжиме по европскиот пат граѓаните треба длабоко да се информираат.