„Доколку ромските пратеници Амди Бајрам и Самка Ибраимовски се во Собранието само како гласачка машинерија, односно се како телевизор без глас, тогаш не би требало да се дел од таа влада. Нека се тргнат од власта, и тогаш нема да има мнозинство да се изгласа некој закон со 61 глас во Собранието на Република Македонија“, истакна Дехран Муратов, кој беше модератор на панел дискусијата „Кој ги тркала Ромите“, во организација на ЦИВИЛ Центар за слобода.
Ромските политичари немаат многу ингеренции да одлучуваат за некои одлуки, додека ромските невладини организации (со чест на исклучоци) земаат стотици илјади евра за подобрување на статусот на Ромите меѓутоа ништо не прават, истакна Даниел Петровски. Toj додава дека одговорноста кон политичарите е иста колку како кај невладините организации бидејќи тие имаат проекти и земаат пари, а резултати има многу малку или речиси ништо. Случајот на бездомникот Аљуш Еминов е речиси 20 години и не е решен ниту од државата, ниту од организациите. Петровски вели дека сега е без работа, бидејќи на негово место се вработи друго лице кое е член на актуелната власт.
„Зошто ромските пратеници не може да побараат од нивните колеги да изгласаат изградба на една социјална зграда и да ги вдомат сите бездомни лица, бидејќи и тие се луѓе и граѓани на оваа држава.
Наместо ти Даниел да останеш на таа позиција бидејќи си квалитетен кадар, на твое место можеби ќе се вработи лице со нула квалитет, и какво образование утре нашите деца ќе имаат? Затоа велам дека политичарите се тие коишто одлучуваат, а невладините организации се тука само да помогнат. Дел од невладините организации ги злоупотребуваат Ромите за свое лично богатење, меѓутоа невладините организации не може да влијаат на одлуките, не може да гласаат во Собрание. Затоа и се создаде работна група во Собрание кое ќе ги застапува правата на Ромите, меѓутоа токму тие луѓе што се дел од таа група денеска ги нема, не се одважија да дојдат на оваа панел дискусија, нив ги нема да дојдат да ги слушнат нашите проблеми и да кажат како можеме ние како невладин сектор да им помогнеме.
Време е да не се враќаме во минатото, туку да гледаме во иднината. Ние може да зборуваме како Ромите живееле во изминатите 27 години, но што ќе постигнеме, ние мора да гледаме напред. Мора да има соработка помеѓу политичарите и невладиниот сектор, бидејќи само на тој начин конечно ќе се реши деценискиот проблем на најранливата категорија на граѓани“, додаде Муратов.
Панел дискусијата се оддржа во рамки на проектот Слободни медиуми за слободно општество.
М. Л.
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска