• Latest
илустрација: Зоран Кардула

Национализмот има потреба од минатото

November 23, 2020

Претседателска катарза

June 26, 2026
Конференцијата за обнова на Украина, 26 јуни 2026

Украина и во војна се обнова: На конференцијата во Гдањск се очекуваат договори од над 10 милијарди евра, Русија продолжува со напади врз цивилни цели

June 25, 2026
Вилен Темерјанов и знамињата на Кримските Татари и Украина

Вилен Темерјанов: Знаме на достоинството, глас што рускиот окупатор не успеа да го замолчи

June 25, 2026

Извештај на ДЗР: Се бележи раст на приходите, но и сериозни слабости во управувањето на АД МЕПСО

June 25, 2026

Спин по мерка на власта – aвтомобили горат, јавноста на скијање

June 25, 2026

Нашминкан отчет за раскантан систем: Што навистина кријат бројките на министерката Јаневска?

June 25, 2026

Случајот Јанушев: Државната комисија за спречување на корупцијата го проширува предметот за генералниот секретар на Владата

June 25, 2026

Изгубените 10 години од Брегзит, генерациската цена и бавното враќање

June 24, 2026

Отчетот на министерката за образование меѓу бројките без суштина и реалноста

June 24, 2026
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски (фото извор: МДТ)

Денеска се промовира проектот „Везилка“: Центар за вештачка интелигенција вреден 6 милиони евра

June 24, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home МУЛТИКУЛТУРА

Национализмот има потреба од минатото

November 23, 2020 13:45
in МУЛТИКУЛТУРА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
илустрација: Зоран Кардула

илустрација: Зоран Кардула

Share on FacebookShare on Twitter

Тој кој што го контролира минатото ја контролира иднината,

а тој кој ја контролира сегашноста го контролира минатото

Џорџ Орвел “1984“

пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА

Државата може да биде перцепирана како алатка за задоволување на потребите и интересите на граѓаните, и, како објект на љубов како највисоко достигнување на заедничкото делување на одредена група луѓе.

Во првиот случај односот на индивидуата кон државата се става во корелација со нивото на кое таа успева да обезбеди негова благосостојба, заштита на неговите основни права и слободи и видлива развојна перспектива.

Во вториот случај, таа треба да биде беспоговорно сакана затоа што во неа се вткаени неговиот идентитет и суштина на постоењето, идеалите, замислите и активностите на претците (кои секако мора да бидат почитувани и сакани), независно од улогата која што државата ја има во остварувањето на неговите потреби и интереси во актуелниот момент.

Во првото разбирање на државата има многу малку место за национализам и посебно не за етно-национализам. Второто гледање на државата може да вирее единствено на почвата на етно-национализмот.

Најважна состојка на етно-националистичката почва е минатото. Минатото може да ги сведе на заеднички именител луѓето кои во основа имаат различни потреби, интереси, размислувања, погледи на светот, идеи … За да може да се одржи идејата за ваков вид на хомогенизирано единство, етно-национализмот нужно посегнува по минатото како заеднички корен кој обединува и ги држи луѓето заедно.

За да може да ја одигра оваа улога, минатото се симплификува, селективно се издвојуваат одделни елементи кои одговараат на градењето на заедничкото, а се бришат оние кои зборуваат за разликите, поинаку се толкуваат историските настани, а таму каде што има празнини се фабрикуваат нови сеќавања (или пак легенди, приказни, митови) кои подобро се вклопуваат во целата слика која се гради.

Минатото ни дава право да го бараме она што сметаме дека сме го имале па сме го изгубиле, или воопшто не сме го имале ама сепак сме го изгубиле, или она што мислиме дека сме го заслужиле, што е наше, за што паднала крв, за што гордо гинеле нашите претци.

Минатото не е тривијално, досадно, прагматично. Тоа е секогаш гордо, помпезно, качено на коњ (дури и тогаш кога немало ништо повеќе од магаре), мажествено, моќно, со развиорено знаме, со заклетви и по некој мистичен ореол.

Токму затоа минатото и етно-национализмот кој вирее на минатото се толку пожелни за политичките партии. Тие со еден потег го бришат сивилото на недостоинствениот начин на живеење во сегашноста и бесперспективноста на иднината. Етно-назионализмот ја претвора историјата во збир од наративи кои се ставени  надвор од контекстот во кој се одвивале реалните настани и кои се сместуваат во рамките на актуелните случувања. Историјата се употребува да даде легитимитет на активностите кои се изведуваат во сегашноста, а кои не можат да бидат оправдани или легитимирани во контекстот на моменталниот развој на односите меѓу луѓето и новите вредносни системи.

Национализмот го претвора минатото во романтично, гордо, достоинствено време во кое се’ било јасно и недвосмислено и кое треба да ги определува нашите денешни постапки и да ја храни омразата кон непријателите од минатите битки и конфликти. Политичките субјекти ја искористуваат историјата да изградат меморија која може да биде ставена во служба на денешните политички борби.

Политичките партии успеваат да го моделираат начинот на кој се гледа на минатото, и со тоа да ги редефинираат приоритетите на денешнината и да ја пренасочуваат енергијата на денешните граѓани.

Колку што е помизерен животот на луѓето во денешнината поголема е потребата од прикажување на славното минато и идентификување на корените кои зборуваат за славните претци чии потомци се денешните граѓани.

На таков начин, од една страна, страдањата и жртвите  на денешните генерации не се ништо во споредба со оние на минатите генерации, а од друга страна, овие страдања не смеат да се заборават и мора да се имаат предвид во секое наше решение кое треба да го донесеме во сегашноста (независно од тоа на кој начин тоа решение ќе се одрази на добробитта и благосостојбата на денешните и идните генерации).

Етно-национализмот, спакуван во вредностите на минатото, им овозможува на политичките партии да го избегнат споредувањето на животниот стандард, условите за живот, задоволувањето на потребите и интересите на граѓаните со актуелното ниво од развојот на човештвото, и да го заменат со виртуелно водење некои одамна завршени битки.


Оваа содржина е дел од Иницијативата „Обединети во различноста“ посветена на промовирање на различностите како предност, богатство и квалитет на нашето општество. Иницијативата ја води ЦИВИЛ, со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.



илустрација, специјално за Иницијативата „Обединети во различноста“: Зоран Кардула


Наодите, мислењата и другите онлајн содржини објавени од страна на ЦИВИЛ, односно Редакцијата ЦИВИЛ Медиа, не мора да значи дека ги одразуваат оние на донаторите или спонзорите на ЦИВИЛ и на медиумската платформа на организацијата.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ