Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел одржува тајна и плодна соработка со арапски земји. „Плодната соработка со арапските земји генерално е тајна, но убеден сум дека односите со нив ќе продолжат да созреваат и тоа ќе ни овозможи да го прошириме кругот на мирот, изјави Нетанјаху во говорот по повод 44-годишнината од смртта на основачот на Израел“ – Дејвид Бен Гурион.
„На крајот ќе дојде (до мир со арапските земји), бидејќи тоа се случува постојано, скриено“ – додаде премиерот.
Неколкумина израелски лидери неодамна изјавија дека заедничките стравувања на арапските земји и Израел од зајакнувањето на иранското влијание на Блискиот Исток создаваат заеднички интереси. Тие посочија дека тоа може да доведе до промена на дипломатската ситуација во регионот.
Во интервју за арапски медиум, објавено минатата недела, шефот на израелскиот Генералштаб Гади Ајзенкот изјави дека Израел е подготвен да соработува со Саудиска Арабија и да разменува разузнавачки информации за да се спротивстават на Иран.
Единствените арапски земји кои поддржуваат дипломатски односи со Израел, се Египет и Јордан, кои потпишаа мировен договор со Ерусалим. Дури и арапските земји кои не учествувале во израелско-арапските војни немаат билатерални односи со еврејската држава.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.