ЦИВИЛ – Центар за слобода со јавниот настан „Плурализмот и политичката криза“ што се одржа во вторник, на 2 февруари 2016, во хотелот „Сити Парк“во Скопје, го заокружи проектот „Моето гласачко право“, поддржан во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, а имплементиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.
На дебатата учествуваа лидери и високи претставници на политички партии, кои не се дел од политичките преговори. Освен на новинарски прашања, учесниците на дебатата одговараа и на прашања поставувани од граѓанките и граѓаните на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ и на Твитер со хаштагот #CIVILevent.
Од дискусијата на дебатата произлезе заклучокот дека политичката криза во Македонија длабоко ја нарушува перцепцијата за моќта на граѓанинот и неговиот глас за реализирање на слободни и демократски избори.
Затоа, како дел од едукацијата на граѓан(к)ите за нивното гласачко право, но и за понатамошните активности на ЦИВИЛ во изборен контекст, произлезе брошурата „Моето гласачко право“.
Покрај основните информации за гласачкото право и за изборниот процес, насоките за долгорочно набљудување и за известување, во брошурата се поместени и анализите на предавачите на семинарите во рамките на проектот.
Брошурата „Моето гласачко право“ можете да ја најдете во делот „Публикации“ на веб страницата на ЦИВИЛ, www.civil.org.mk.
Проектот „Моето гласачко право“ беше наменет за јакнење на јавната свест, едукација и мобилизација на граѓан(к)ите за подобрување на изборните процеси, како и за одбрана на човековите права и слободи, преку запознавање на состојбата на гласачкото право. „Моето гласачко право“ истовремено претставува и платформа за поефикасно дејствување на ЦИВИЛ во следните изборни циклуси.