Одлични сме во наоѓање причини и изговори да се мразиме, да ја искористиме секоја прилика да си кажеме лош збор и навреда, да плукнеме еден на друг, да „фрламе“ клетви. Дебатата во Македонија ја сведовме на меѓусебно дискредитирање, пцуење и навредување заради тоа што имаме различни ставови, наместо да се послужиме со факти кои ќе придонесат кон создавање решение.
Донесувањето на Законот за јазици е уште еден илустратор на нашата нервоза, нашата омраза еден кон друг и гневот кој што во себе го носиме. Изгласувањето на овој Закон уште еднаш покажа колку омраза во нас се збрала.
Сепак, тоа не значи дека нашите гнев и омраза го испразниле издувниот вентил и нема кога-тогаш повторно да ги загадат социјалните мрежи. Во Македонија има безброј такви причини – верски празници, малцински прашања, кадровски решенија и многу други важни и помалку важни настани во државава, кои во секој момент ја „загадуваат“ демократската атмосфера.
Од каде се насобрал толкав гнев во зборовите на луѓето кога во се’ се наоѓа причина за нанесување зло додека истовремено многу од нас се декларираат како христијани, борци за човекови права, хуманитарци и слично. Во меѓувреме многу често се забораваат фактите, законските прописи и правилата на институционалната работа. Се занемарувааат мерливите аргументи, кои треба да оценат што е правилно, а каде владата или институциите погрешиле.
Токму тоа се случува со Законот за јазици – многу малку факти, а многу коментари поттикнати од емоција. Само неколку интелектуалци излегоа и повикувајжи се на Устав и закони аргументираа и коментираа, но повторно за обичниот граѓанин, кој не е правно едуциран останува се’ уште нејасно зошто, за едни, Законот е во рамките на уставната рамка, а за другите зошто истиот не е. Тоа се случува кога на разумот, интелектот и аргументацијата претходи емоцијата, страв и омраза кон сограѓанинот.
На емоцијата не и е место во дебатата, интелектуалниот дел и аргументирањето се дел од неа.