ЦИВИЛ – Центар за слобода заедно со Зелена Лупа организираат конференција „Општество ослободено од корупција“ што ќе се одржи на 6 декември, четврток, со почеток во 13:30 часот во хотел Парк Резиденс.
„Се надеваме дека конференцијата ќе побуди внимание. Целта е да отвориме дискусија што и понатаму ќе ја модерираме во јавниот дискурс, што се однесува до корупцијата и антикорупциските зафати. Се разбира, очекуваме дека ќе добиеме многу информации за лошите политики и практики на одредени сегменти во општеството, што не одат во прилог на нашите антикорупциски заложби како држава и како општество“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Шест говорнички и говорници, вклучително и Премиерот Зоран Заев, ќе претстават различни аспекти на антикорупциските напори во земјата. Учесничките и учесниците на Конференцијата ќе презентираат сознанија, ставови и информации за потребите, можностите и предизвиците со кои се соочуваат во борбата против корупцијата.
Освен премиерот Зоран Заев, како говорници ќе учествуваат и Оливер Ристовски, заменик министер за правда, Розета Трајан, генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата, проф. Мирјана Најчевска, универзитетска професорка, експертка за човекови права и слободи, и Ване Цветанов, претседател на Зелена лупа. Свое обраќање ќе има и Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, кој воедно ќе ја модерира конференцијата.
Вториот дел на конференцијата е резервиран за дискусија кога сите присутни ќе имаат можност да учествуваат со свои прашања и коментари. Поканети се претставници на медиумите, граѓанските организации и институциите, како и претставниците на меѓународната заедница.
Конференцијата е дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Пожелно е учесничките и учесниците да го потврдат своето присуство на [email protected]