На мапата на двата мобилни мониторинг тима на ЦИВИЛ за време на овој викенд се најдоа Кочани, Виница, Берово, Радовиш, Василево, Струмица, Валандово и Гевгелија.
Во директна комуникација со граѓанките и граѓаните на овие градови и села, тимовите го претставија проектот „Напред!“, разговараа со претставници на граѓанските организации и политичките партии, а дадоа и бројни изјави за локалните и регионалните медиуми. Тимовите на ЦИВИЛ спроведуваат и фото-петиција „Јас сум за слободни избори“, а прибираат и информации за нерегуларности, притисоци и злоупотреби.
Општо земено реакциите се многу позитивни, иако провејуваат и зајадливи коментари. Во комуникација со граѓанките и граѓаните, од бележникот на тимовите издвојуваме неколку коментари и досетки.
Најчестиот коментар од сите места е: Само напред! Браво! Само во ЦИВИЛ имаме доверба! Алал да ви е!
„Само да не сте од Сител!“
„Треба ли да сум ВМРО-вец за да аплицирам за набљудувач?“
„Само напред! Оваа тиранија да се запре засекогаш!“
„Политичарите ги злоупотребуваат сиромашните.“
„Политичарите сакаат да ги купат гласовите.“
„Би се сликал за слободни избори, но овие мајмуни контролираат сѐ.“
„Многу ме радува кога ќе видам дека и младите се залагаат за демократија.“
„Во Кочани млади нема. Останавме само ние, пензионерите.“
„Уште и напред да кажам, ќе ми се закачат на врат. Многу сум обележан, но ве поддржувам.“
„Ние овде сите сме за ВМРО, ама не за овие Индијанци.“
„Имате голема поддршка од нас. Кога ќе ве видиме на ТВ, знаеме дека ќе ја слушнеме вистината за изборите.“
„Редно е да гласаме секој со своја глава! Браво за ЦИВИЛ!“
„ЦИВИЛ за слобода во слободна Струмица. Само напред.“
„Уживајте во слободна Струмица!“
„Би се сликал за фото-петиција, ама тоа е опасна работа.“
„За мене изборите секогаш беа слободни, ама ако вие не верувате во тоа, тоа е ваша работа.“
„Дајте пари од Сорос што ги земате, а не флаери да делите.“
„Среќа што има толку неутрални гласачи во Струмица, па гласаат со своја глава.“
„Имаме иста мисија, бидејќи Исус им дава слобода на избор, а еве и вие се борите за слободни избори.“ (свештеник)
„Вие сте соросоиди! После овој флаер треба да се дезинфицирам!“
„Политичарите не ги интересира народот, туку само свети себе.“
„Штета, се откажав од македонското државјанство, инаку на драго срце ќе ви помогнев.“
„Не му замерувајте, тој е ВМРО-овец, не смее да се слика.“
„Ма какви избори! Сѐ по список и на едните и на другите!“
„Вие од ЦИВИЛ сте златни, многу ве сакам!“
Повеќемина млади, кога земаа флаер од нас, нѐ информираа дека си заминуваат од земјата, дека нема што да прават овде, па ни да набљудуваат избори за нас. Една наша сограѓанка се пожали: „Срцето ме боли Двете деца ми заминаа за Германија.“