ВЕСТ НА ДЕНОТ
Нови закани за бомби во „Никола Карев“, учениците евакуирани
Учениците на средното училиште „Никола Карев“ се евакуирани поради нова закана за бомба, а евакуирани се и други средни училишта поради безбедносни причини.
-Мејловите од кои е испратена новата закана за бомба се со слична содржина од преходно, но од различен испраќач. Во најбрз рок ги евакуиравме учениците, по инструкции на полицијата и сега се вршат проверки, вели , за „ЦИВИЛ медиа“ директорот на училиштето Андреј Манолев.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ВОЈНА ВО УКРАИНА
ДЕОКУПИРАНИ 568 НАСЕЛБИ ВО РЕГИОНОТ ХАРКИВ Украинските сили веќе ослободија 568 населени места од руските окупатори во областа Харкив, изјави заменик-шефот на Кабинетот на претседателот на Украина Кирило Тимошенко на брифинг,. Според Тимошенко, во регионот Харкив биле формирани 21 воена управа со цел навремено решавање на прашањата и донесување одлуки.
УКРАИНСКОТО МНР ЗА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ПРЕКИНУВАЊЕ НА НЕКАЗНИВОСТА НА ЗЛОСТОРСТВАТА ПРОТИВ НОВИНАРИТЕ Од февруари 2022 година, во текот на осум месеци агресија од големи размери, Русија извршила 457 злосторства против новинари и медиуми во Украина, според податоците од мониторингот на Институтот за масовни информации. Заклучно со октомври, руските окупатори убија повеќе од четириесет украински и странски новинари.
ЕНЕРГЕТСКАТА ВОЈНА НА ПУТИН Украинците во моментов се подготвуваат за она што веројатно ќе биде најтешката зима во модерната историја на земјата. Со поразот на Русија на бојното поле, Кремљ прибегна кон тактиката на тотална војна и се обидува да ја уништи цивилната енергетска инфраструктура на Украина. Десетици милиони се соочуваат со изгледите за продолжено затемнување, заедно со потенцијално смртоносно нарушување на основните услуги за вода и греење, пишува Арсениј Јацењук, поранешниот премиер на Украина за Атлантскиот совет.
ДОГОВОР ЗА ТРАНСПОРТ НА УКРАИНСКОТО ЖИТО Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу му рекол на својот турски колега дека Москва се согласила да се врати во договорот кој со посредство на Турција и ОН овозможи транспорт на украинско жито преку Црното Море, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
СВЕТ
БОЛСОНАРО ГО ПРИЗНА ПОРАЗОТ Два дена по поразот на претседателските избори во Бразил, Жаир Болсонаро, актуелниот претседател, вчера се согласи на транзиција на власта, притоа не признавајќи дека го изгубил гласањето или дека изборите биле слободни и фер, пренесува Њу Јорк Тајмс.
„Претседателот Болсонаро ме овласти – кога ќе биде побарано, врз основа на законот – да го започнам процесот на транзиција“, изјави неговиот шеф на кабинет, Чиро Ногуеира.
САУДИЈЦИТЕ ВТОРИ ПО ГОЛЕМИНА ИНВЕСТИТОРИ НА ТВИТЕР Саудиската компанија Kingdom Holding Company (КХЦ), заедно со приватната канцеларија на принцот Алвалид бин Талал, ќе ја продолжат сопственоста на акциите на Твитер во вредност од 1,89 милијарди долари по преземањето на компанијата за социјални медиуми од страна на Илон Маск, што ги прави втори по големина инвеститори, според на изјавата на саудискиот принц.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЗАКОН ЗА ЗДРУЖЕНИЈА, ФОНДАЦИИ Собранието денеска на продолжение на 88-та седница донесе измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, и на Законот за Законот за политички партии, на предлог на СДСМ, по скратена постапка. За измените на Законот за здруженија и фондации „за“ гласаа 67 пратеници, ниту еден против и воздржани, а ист број пратеници гласаа „за“ и за Законот за полититички партии, без ниту еден против и воздржани.
БЕРЛИНСКИ ПРОЦЕС Премиерот Димитар Ковачевски ќе предводи владина делегација на средбите на лидерите од Западен Балкан во рамките на Самитот за Берлински процес кој се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија.
ОСТАВКИ ВО ЗДРАВСТВО По барање на министерот за здравство, денеска до Министерството за здравство се поднесени оставки од двајца директори на универзитетски клиники. Станува збор за директорката на Универзитетска клиника за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова, и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, д-р Никола Васев, соопшти Министерството за здравство.
МЕРКИ ЗА ПОМОШ НА ГРАЃАНИТЕ Бизнисот апелира Собранието што поскоро да ги усвои антикризните мерки што ги предложи Владата. Во собраниската Комисија за финансирање и буџет, покрај мерките за директна финансиска помош кон одредени категории на граѓани, во место тапка и помошта за стопанството како што анализираше Цивил медиа, со која се очекува да се стабилизира ценовниот удар на енергенсите како инпут во производството.
ЕНЕРГИЈА, КРИЗА АД ЕСМ вчера произведе 11.036 мегават часови електрична енергија, од кои во термоелектраните се произведени 8.780, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк „Богданци” 2.256 мегават часови, информира Владата.
ТРЕТ ДЕН ХАОС ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ Приватниот превозник на автобуски градски превоз „Макекспрес” и денеска не сообраќаа на линиите 19, 20, 22, 52 и 54, поради неисплатен долг од страна на ЈСП „Скопје” и Град Скопје. Денеска се очекува средба со претставниците на ЈСП и Град Скопје. Веќе трет ден автобусите од „Макекспрес” не се излезени да сообраќаат поради тоа што, како што тврдат, немаат средства.
ЗАГАДЕНА ПОЧВАТА НА НОВИОТ МЕГА ПАРК ВО ВОЛКОВО? Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска отиде да се фотографира и да покаже дека веќе се гледаат контурите на првиот мега-парк во Скопје, паркот „Даме Груев“ во општината Ѓорче Петров, но немаше време да одговори на прашањата на ЦИВИЛ Медиа дали почвата на која се планира овој голем парк е загадена или не?
СЛОБОДНА ЗОНА
Додека сите регионални и светски лидери стравуваат од глад и недостиг на енергенси, грчевито се борат да ја стабилизираат економијата и да обезбедат ресурси за својот народ за престојната најстрашна зима после втората светска војна, бегалецот од правдата, паднатото диктаторче од удопството на азилот во Будимпешта дури и се исмејува со сопствениот народ. На пастирот од Пешта му е смешно кога премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе има доволно храна и струја во Македонија. Во обид да биде малициозен, во фејсбук статус го нарекува премиер на Етиопија или Африка, пишува Ана Василевска во колумната „ Лидерите што зборуваат за храна биле Африканци, европски е да се зборува за мермер и бронза„
Идниот премиер, кого ќе го нарекуваат Дуче (Водач) нанесе толкаво зло на човештвото што тоа и денес, на многу начини, сѐ уште ги вида раните иницирани од споменатиот настан. Но тој, Мусолини, како зачетник внесе и еден вирус во општествените уредувања, што, како парадокс се повторува токму на 100-годишнината од триумфот на една маргинална група низ имитаторска партија, која, во комбинација со уште две други десничарски партии, одново седна на тронот на власта во Рим, пишува Љубомир Костовски во колумната „ 100 години од инаугурацијата на фашизмот како владеачка идеологија“
Еден од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, пред неколку денови, ни се жали дека некои „маскирани типови“ го нападнале во населбата Карпош во Скопје. На тоа, ни вели советникот, претходела расправија преку синекурите од „врвната глава“ на партијата, што значи, советникот ја критикувал својата партија за погрешните политики, па кога виделе дека ги критикува своите – му ветиле исплата на сите паушали и повлекување од Советот во Општина Карпош, плус, редовно вработување, пишува Ненад Јовановиќ во колумната „ Бонусот за насилство е истечен“
Д. Мишев