ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Известувањето од големи инциденти со жртви е голем предизвик за новинарите. При известување од терен, новинарите честопати се под притисок да известат и за бројот на жртви, но притоа се должни да одговорат и од каде им се бројките. Во такви случаи, најдобро е новинарите да ги почитуваат етичките императиви – да се воздржуваат од објавување на непроверени информации и да прават разлика помеѓу тврдења и факти.
Доколку изнесат некакво тврдење за бројот на жртви, тие се должни да укажат чие е тврдењето во кое се спомнуваат бројки на жртви – наведувајќи го официјалниот или неофицијалниот извор. Доколку не го направат тоа, нивната публика може да добие впечаток дека искажаните бројки се факт, а не нечие тврдење.
Ќе наведеме неколку примери од традиционалните медиуми, но и новите медиуми и социјалните мрежи, на неетичко известување за бројот на жртви од пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година.
Пример 1: „Сител“ четири пати дезинформираше за бројот на жртвите
А) На 8 септември во 23.01 часот, ТВ Сител извести во живо од Тетово (кајрон: „Гори модуларниот ковид центар има и жртви“). На прашање од студиото „Каква е состојбата во моментов, колку жртви има и колку има повредени?“, новинарката на Сител одговори:
„Неофицијално има околу 30 жртви, меѓу нив има и пациенти, меѓутоа и персонал, ова се неофицијални информации…“.
Новинарката не го наведе изворот на тврдењето дека има околу 30 жртви, туку го претстави како „неофицијални информации“.
Б) На 8 септември во 23.20 часот, на порталот на „Сител“, е објавена вест со наслов „Над 30 жртви неофицијално во пожарот во Тетово, меѓу нив и медицински персонал“, во која се известува: „Неофицијално има околу 30 жртви, меѓу нив има и пациенти и персонал.“ Повторно не е наведен изворот на тврдењето дека „има околу 30 жртви“, вклучително и персонал.
В) На 8 септември во 23.30 часот, на Фејсбук страницата „Сител ТВ“ е објавено видео со текст „Изгаснат пожарот во модуларниот ковид центар, неофицијално над 30 жртви“.
Под видеото, Фејсбук има ставено назнака „Делумно лажна информација. Проверена од независни проверувачи на факти“ со линк „Видете зошто“. Линкот води кон статијата на „Вистиномер“, „Во пожарот во тетовската модуларна болница не загинаа 30, туку 14 лица“, со следнава оценка:
„Оценуваме дека не е вистина дека во тетовската болница починале 30 лица во пожарот кој избувна во модуларната болница. Починале 14 лица и сите се пренесени на Институтот за судска медицина во Скопје на обдукција и на утврдување на идентитетот“.
Г) Во наредните вести на Сител во 9 часот изутрина, телевизијата од студио извести за „најмалку десетина загинати во пожарот… Бројот на жртви го потврди и министерот Филипче преку објава на социјалните мрежи, но оваа бројка, неофицијално, е поголема. Осум лица, според последните информации успеале да се спасат. Се работи за неофицијална бројка од дваесетина починати, но затоа сѐ уште немаме потврда.“
Репортерот во живо, пак, се повика на соопштение на ОЈО, дека „обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификација на 14 лица починати во пожарот, а се испитува дали има починати и други лица… Според првичните сознанија, помеѓу починатите нема медицински персонал“.
Меѓутоа, изнесувањето нови информации од релевантен извор не беше повод за корекција на кажаното во вестите од студиото, каде што претходно се изнесени непроверени информации, без наведување на изворот, кои се покажаа и како неточни.
Освен ова, во 10.26 минути порталот на Сител објави „Во ковид-центарот во Тетово имало 26 пациенти, 14 загинаа, 12 се префрлени во тетовската болница“, а во вестите во 12 часот студиото констатираше дека „Бројката на загинати во страшниот пожар кој вчера изби во Тетово се искачи на 14“, иако Сител претходно известуваше за поголеми бројки кои излегоа неточни.
Сите горенаведени примери во известувањето на еден од моментално највлијателните медиуми во земјата, објавувањето непроверени информации и маскирањето на неидентификувани тврдења за бројки како „факти“, се показател за непрофесионално и неетичко известување во време на трагедија.
Пример 2: Сензационалистичко поигрување со бројки и животи
На 8 септември 2021, во 23.23 минути, порталот „Лидер“, објавува сензационалистички наслов „ЛИДЕР ДОЗНАВА: Досега преброени 39 изгорени во модуларната болница во Тетово“, со поднаслов: „Радио Лидер од извори на терен дознава дека спасувачките екипи досега извлекле 39 изгорени тела во модуларната болница во Тетово која изгоре вечерва.“ Во текстот стои изјава:
„Оваа бројка е на пронајдените досега и веројатно ќе оди нагоре, вели еден од спасувачите за Радио Лидер“.
Порталот „Лидер“ во насловот и поднасловот наведува фактичка состојба: „досега преброени 39 изгорени“, „спасувачките екипи досега извлекле 39 изгорени тела“, а го наведува и изворот – „еден од спасувачите“ – објавувајќи дури и негова драматична изјава дека бројката на жртви „веројатно ќе оди нагоре“.
Ниту „Лидер“ не им се извини на читателите за сензационалистичките дезинформации и драматични претпоставки, објавени во крајно деликатен момент, кога од новинарите се очекуваше професионално да информираат на начин ослободен од сензационализми, со почит и емпатија кон жртвите, кон нивните семејства и нивните сограѓани, кои во тој момент очекуваа проверени информации.
Пример 3: Наградувана новинарка дезинформираше за бројот на жртвите на Фејсбук
Наградуваната новинарка и инфлуенсерка Јорданка Ивановска Јоци (со над 23 илјади следбеници), на 8 септември во 23.44 часот ќе објави „Од неофицијални извори има 37 жртви. Непотврдено…“. Во еден од коментарите Јорданка Ивановска Јоци укажува „Ја добивам информации од тетовчани.“
Меѓутоа, информациите „од тетовчани“ како „неофицијални извори“ испаднаа непроверени и неточни, а објавувачот на дезинформациите ниту ги коригираше, ниту пак им се извини на читателите за тоа што ги доведе во заблуда.
Овие три примери, од влијателни традиционални медиуми, интернет медиуми и влијателни личности на социјалните мрежи, се само дел од мноштвото примери за ширење на дезинформации за бројот на жртви во пожарот во Тетово, и се соодветна илустрација за да се покажат штетните последици на непрофесионалното информирање на ТВ, на порталите и на социјалните мрежи по трагедијата.
Дополнителен аргумент за непрофесионалност, и индикатор за малициозно ширење на дезинформации, е тоа што дезинформирачите не ја признаа својата грешка, не им се извинија на читателите за неточните бројки што ги објавија, а не се обидоа ни да ги објаснат причините за објавување на бројките кои подоцна се покажаа како неточни.
Таквиот однос може да се протолкува и како покажување на непочитување и недостаток на емпатија, не само кон жртвите и нивните блиски, туку и кон сопствената публика, која беше изманипулирана од нивните „информации“.