Дводневната меѓународна конференција за правно зајакнување „Правните потреби на маргинализираните заедници во Македонија“ што вчера и завчера се одржуваше во Скопје во организација на Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ) има цел да посочи на недостигот од официјални статистички податоци што ги остава граѓанските организации преку сопствени истражувања да обезбедат база на податоци за маргилнализираните заедници во Македонија кои ќе им бидат од корист н институциите.
На конференцијата учествуваше и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која истакна дека пристапот до правда е проблем за сите граѓани, не само за маргинализираните заедници.
„Ние како министерство тесно соработуваме со граѓанските организации кои имаат полесен пристап до граѓаните кои се најисклучени. Тоа е на едно отворено владино партнерство, затоа што без комуникација и без партнерско вклучување на граѓанските организации кои што директно работат и живеат со овие групи, невозможно е да сметаме дека системот има капацитет може да биде достапен за сите во исто време. Но, граѓанинот може преку медијација и преку каналите кои се веќе воспоставени да ги остварува правата загарантирани со закон“изјави Царовска.
На неколкуте панели на конференцијата, домашни и странски експерти, како и претставници на различни граѓански здруженија дискутираа за неопходноста од истражувања за правните потреби на граѓаните, особено на маргинализираните заедници, како и за политиките и бенефитите од овие истражувања.
На конференцијата се промовираа и модели на правна помош во Македонија од повеќе правници од земјава.
Б.Ј.