ВЕСТ НА ДЕНОТ: Собранието со консензус го донесе дополнетиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство
Собранието на денешната 32. седница со консензус го донесе дополнетиот Предлог на закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Исто така пратениците со 50 гласа „за“ и 23 „воздржани“ го донесоа Дополнетиот предлог на Закон за рамномерен регионален развој. За двата закони на претходните продолженија на пленарната седница заврши расправата.
Дополнетиот предлог на Закон за рамномерен регионален развој е донесен со поддршка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која беше во салата и гласаше воздржано. Никола Мицевски, координатор на пратеничката група рече дека тие ќе гласаат воздржано со што ќе се овозможи донесување на законот, истакнувајќи дека за овој закон се прифатени три нивни амандмани со што е одобрено законското решение.
Собранието имаше кворум за работа, но владејачкото мнозинство немаше доволен број пратеници за гласање така што за дел од законските решенија и извештаите за кои заврши рассправата ќе се гласа дополнително.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Заев: Холокаустот никогаш да не се заборави и да не се повтори
„На овој ден, и на секој друг, да повторуваме „Никогаш да не се заборави, никогаш да не се повтори” и да ги чуваме спомените и на нашите 7.200 сограѓани кои од Скопје, Битола и Штип, во вагоните на смртта беа депортирани во Треблинка, во Полска. Сеќавањето на нив секогаш да нѐ потсетува дека тишината и молкот можат да биде соучесник на злото и дека наша должност е во секоја ситуација да се спротивставуваме на секоја форма на фашизам, фанатизам, расизам, ксенофобија и геноцид“, напиша Заев.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ, заедно со граѓанките и граѓаните, во акција против говорот на омразата (1 дел)
Говорот на омразата во земјава е главно предмет на интерес на дел од организациите на граѓанското општество, кои упатуваат повици, апели, спроведуваат мониторинг или кампањи за јакнење на јавната свест.
Една од најшироко прифатените дефиниции за говорот на омразата, која се рефлектира и во македонското законодавство, е дека тоа е јавен говор што изразува омраза или поттикнува насилство кон некоја личност или група, врз расна, верска, сексуална или друга ориентација и карактеристики како што е половата, националната, физичката и други.
ЦИВИЛ е една од најуспешните и најгласните граѓански организации во напорите за намалување на последиците од дезинформациските кампањи чие главно обележје е говорот на омразата. Организацијата веќе со години спроведува активности за мониторинг, истражувања, граѓанска едукација и јакнење на јавната свест.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Денеска се одбележува 27 јануари Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
Холокаустот да не се повтори никогаш и никому повеќе. Сеќавањето на него и на шесте милиони Евреи кои биле жртви, како и на преживеаните е обврска, но и потсетник за човештвото каде може да води говорот на омраза, нетолеранцијата, дискриминацијата и колку малку е потребно да се уништи еден цел народ. Тоа е опомена човештвото да разбере дека Европа каква што ја познаваме сега не треба да се зема здраво за готово, туку дека треба сите да ја заштитиме, борејќи се за она што е важно за нас и во што веруваме, борејќи се и против националистичките тенденции, бранејќи ја толеранцијата и разбирањето, се дел од пораките на учесниците на комеморативното што се одржа денеска онлајн во организација на Министерството за надворешни работи.
„Јавна група“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 19 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 262 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека Британскиот сој на КОВИД-19 детектиран во приватната лабораторија на клиниката Жан Митрев во Скопје.
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски заедно со заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски и директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, денеска го промовираа новиот Национален регистар за вистински сопственици.
Повеќе од 14 илјади ученици пријавија државна матура, што укажува дека тие сакаат да полагаат државна матура, рече денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска, додавајќи дека Министерството и Владата имаат законска обврска да ја организираат, со цел да им го остварат на учениците законски гарантираното право да полагаат матура.
СЛОБОДНА ЗОНА
Не може да биде опасно за државата постоењето на еден или двајца, па и 10 Милошоски. Она што е најпогубно за демократската држава во која владее правото е отсуството на системот, на структурата која обезбедува контрола, превенирање или изолирање на ваквите случаи. Законите и процедурите овозможуваат да се спречи негативното влијание кое може да го има еден или неколку луѓе во власта“, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Обезглавена дипломатија или обезглавена држава“.