ВЕСТ НА ДЕНОТ: Филипче: Се подготвуваат дополнителни болнички капацитети за заболените
„Се соочуваме со силен бран на Ковид-19, ситуација која ги оптоварува сите сегменти на здравствениот систем. Во модуларната болница до Инфективната клиника има слободни кревети. Направивме план за обезбедување дополнителни болнички капацитети, прво болницта во Козле, каде има 40 кревети, каде има кадар засилен со колеги од Инфективната клиника. Уште две одделенија се подготвуваат во ГОБ „8 Септември“ со кадарот кој работи таму, а до крајот на денот треба тој план да го заокружиме за да биде подготвен и тој дел. Исполнети се болничките инфективни одделенија во другите градови“, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, заедно со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.
Филипче додаде дека на денешната седница на Владата е ставена информација со која ќе се овласти Министерството за здравство да го потпише и посебниот договор преку заедничкиот рамковен договор со ЕУ за набавка на лекот „Ремдесивир“ и освен преку СЗО тој од следниот период ќе биде достапен и преку оваа набавка. За многу кратко време, посочи Филипче, очекуваме по потпишување на договорот да стигне во земјава.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Сених: Постојано треба да се трудиме да ги живееме, да ги промовираме и негуваме европските вредности
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ:
Анкета: Заслужуваме да влеземе во ЕУ, да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе бевме уште 20 години назад
Зошто Европа – вредности, култура, човекови права и граѓански политики
ЦИВИЛ Медиа, ги праша претставниците на граѓанските здруженија „Зошто Европа“ во серијата разговори што ги имавме за време на фестивалот „Ден на граѓанските организации“ во организација на ЦИВИК Мобилитас. Серијата разговори ги продолжуваме со Сашка Коцевска, Дороти Пачкова, Мехмет Точи и Билјана Атанасовска.
Марин: Во поделено општество единствени губитници се граѓаните
Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, одговори на повикот на Зелен ЦИВИЛ за отворање на темата за зелените вредности, социјалната правда и антинационализам.
ФЛЕШ ВЕСТИ:
СДСМ го менува статусот и бојата, ќе бираат претседател на партиски избори.
Министерот за надворашени работи Бујар Османи потврдувајќи дека се подготвува дополнителен анекс на овој документ изјави дека работни групи од Северна Македонија и Бугарија на дневна основа работат на надминување на разликите на двете земји во однос на примената на Договорот за добрососедство.
Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека од утре почнува етапната исплата на октомвриските пензии.
Караџовски: Во Комисијата работат професионалци, не дозволуваме никој да нè прави мафијаши и корумпирани
Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се најдат на 19. собраниска седница закажана за утре, додека за ребалансот на Буџетот најверојатно ќе биде закажана нова седница на 29 октомври, бидејќи тој се уште не е вратен од Владата.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Има ли градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ – Српче право на приватност за тоа како, со кого и каде ја прави својата свадба? Има. Доколку не сака да остане и понатаму во политиката. Во спротивно, доколку има намера, на пример, да се кандидира за повторен мандат на својата функција во Општина Центар, неговата неодамнешна свадбена веселба претставува класично политичко самоубиство во присуство на свадбарските камери“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Политичкото самоубиство на Српче?“.
„Уште еднаш да потсетиме на посебен урбанистички третман на локацијата на фабрика Треска со распишување конкурс заради добивање на квалитетно решение за сите. Да, се очекува чесен натпревар на современи идеи и објективен компромис на интереси во кој треба да надвладее јавниот над приватниот интерес. Неопходно е да надвладее етиката во струката, а високиот професионализам во обликување на просторот да го надвладее незнаењето и наговестените “сирови бизнис намери“. Некогаш треба да се справуваме со голата правна прагматика на урбанистичките (лоши) планови низ суптилно одбрана политика на нивното (не)спроведување“, пишува Даница Павловска Циги во колумната „Посебноста на локацијата на фабриката Треска“.
А. Петровска