ВЕСТ НА ДЕНОТ: За 30 отсто намалени средствата за политички партии
Партиите денеска со ист став дека во саботата донесениот Законот за финансирање на политички партии предвидува намалување на средствата што се предвидени за политички партии и тоа по 30 отсто за оваа и следната година.
-Тоа е со консензус на сите политички партии освен од една која што беше против тоа намалување предложено од другите политички партии. Секако СДСМ како одговорна политичка партија и во изминатиот период и Владата предводена од СДСМ покажа во духот на солидарноста дека е секогаш спремна и Владата да им помогне на граѓаните со предвидување финансиски средства со кој што беа опфатени граѓаните од најранливите категории со изминатите три пакети мерки, сега на ред е и четвртиот пакет мерки, рече Николоска.
ЦИВИЛ потсетува на иницијативата за укинување на привилегиите на функционерите, која ја започна во мај 2019 година. Иницијативата ја поддржаа шест илјади граѓанки и граѓани во онлајн петицијата што, ја започна организацијата.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: ЦИВИЛ со години се бори против дезинформациите, алармот стаса и до Европскиот парламент
„ЦИВИЛ со години се бори, објавува и зборува за лажните вести, хибридните напади против демократијата и дезинформациите, но требаше Европскиот Парламент да дојде и да ни каже дека имаме напад на демократијата и со тоа само ги потврди нашите наоди“, истакна Џабир Дерала, првиот човек на ЦИВИЛ, на Утрински брифинг, говорејќи за последната студија и официјален документ на Европскиот парламент за „Мапирање на лажните вести и дезинформациите на Западниот Балкан“
„И највисоките европски, свестски институции и меѓунардони организации постојано упатувале на проблемот со лажните вести, дезинформациите и на хибридните закани против демократијата, но тоа секогаш било ставено во “свилени“ дипломатски ракавици и не допирало до јавноста. Тоа е една ситуација во која меѓународниот дипломатски речник не дозволува директно откривање, разобличување на одредени појави и личности. Таквиот пристап им давал простор на деструктивните, анти-западните и антидемократските центри на моќта да дејствуваат слободно и во најдемократските земји и со злоупотреба на слободата на говорот успеваа да пенетрираат длабоко во општеството.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ ги набљудува предвремените локални избори во Штип и Пласница со 30 мобилни набљудувачи, ќе спроведе мониторинг на изборите што ќе се одржат на 13 декември во Штип и Пласница. Еден дел од набљудувачите се активни од првиот ден на официјалната изборна кампања која започна на 21 ноември, а ќе се набљудува и гласањето на болните од Ковид-19 на 11 декември и на 12 декември кога гласаат болните и лицата на издржување затворска казна. Набљудувачите ќе ги мониторираат изборите во 16 категории, вклучувајќи ги почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот, корупцијата, говорот на омразата, ширењето лажни вести и дезинформации.
Лиса Баута Шаќири: Национализмот и меѓуетничката омраза одзема многу енергија
Несрин Таир: Подготвени сме да се обединиме сите во различностите
ФЛЕШ ВЕСТИ
Согласно Законот за бесплатна правна помош во првите шест месеци од годинава до Министерството за правда биле доставени вкупно 120 барања за секундарна правна помош, а биле исплатени и над 709 илјади денари како награда на 26 адвокати и 34 125 денари на три овластени здруженија.
Претседателот Стево Пендаровски на денешната конференција за Западен Балкан организирана од Пријателите на Европа, обелодени дека македонскиот државен врв добил понуда за членство во Европската економска заедница, понудата била одбиена затоа што нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ.
Народната банка, според прелеминираните проценки, очекува оваа година јавниот долг да биде околу 60 проценти, а наредната година да се зголеми за еден до два процентни поени. Особено е важно, според гувернерката на НБ, Анита Ангеловска Бежоска, буџетските расходи целно да се насочени кон поддршка на растот и потенцијалот на економијата.
Над 1.000 физички и правни субјекти аплицираа на петте јавни повици за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор кој минатиот месец ги објави Министерството за економија. Сите кои аплицирале ќе добијат државна помош.
Евроамбасадорот во Северна Македонија Дејвид Гир, денеска на прес-конференција рече дека тоа што треба сега да се направи е да се усвои преговарачката рамка за земјава и да се најде датум за поскорешно одржување на меѓувладината конференција меѓу земјава и Европската Унија. Се разбира во наш и во ваш интерес е овој датум да биде закажан што порано, рече Гир.
Се повеќе деца доаѓаат во градинките и нема потреба од нивно затворање во однос на пандемијата со Ковид-19, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во тетовска Брвеница каде беше пуштена во употреба новоизградената градинка „Сонце“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Да се најдете, со име и презиме, во официјален документ на Европскиот парламент за „Мапирање на лажните вести и дезинформациите на Западниот Балкан“ е лошо. Но, да ве сместат во иста реченица со една класична десничарска будалетинка (која, на пример, упорно тврди дека земјата е рамна) и со човекот кој е европски синоним за пребеган политичар-криминалец – би требало да е вистинска катастрофа за некој кој се амбицира да претставува, па дури и да биде политички и идеолошки лидер на значаен дел од македонското гласачко тело“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Сега е и официјално: Лаже, опасно!“.
„Либерализмот ги собра сите карактеристики на пазарното општество, на едно место, но и постави нови правила – ситнење на заедницата до продуктивни единки, поврзани со постојаната меѓусебна борба за повисоко место во компанијата. Ако ова ви изгледа како некаква современа анализа на времето во кое живееме, ќе се изненадите дека Фукојама ова го напишал пред 40 години, кога го објаснувал напливот на млади луѓе на врвни места во компаниите. Тој експеримент завршил некаде кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Завршил за светот, а кај нас дојде во деведесеттите и упорно трае, иако дава сѐ полоши резултати“, пишува Војо Маневски во колумната „Ситнење, раситнување и ситни души“.
„Етницитетот е социокултурен конструкт. Припадноста на етничката заедница/група не се наследува и не е поврзанa со никакви биолошки прерогативи, туку се учи. Луѓето се чувствуваат блиски по јазикот, обичаите, традицијата, уверувањата, ритуалите и се идентификуваат како посебна група која, по еден или повеќе основи, се разликува од други групи луѓе. Може да има етнички групи без постоење нација. И тоа не ја намалува себесвесноста и посебноста на овие групи (Роми, Власи…). И може да има етнички групи кои решиле да се перципираат како поинакви независно од блискоста со друга етничка група (Австријци)“, пишува Мирјана Најчевска во колумната „МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК – не јазик на Република Северна Македонија, ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – не македонска влада“.
„Кога ќе ги погледнете кампањите за дезинформирање на јавноста, тие често толку апсурдни, што се наметнува прашањето која е нивната цел. Со своите контрадикторности, со плиткоста и грубоста, овие кампањи често предизвикуваат чудење, па и смеење, но и впечаток дека не се работи за кампања, туку само за ниско ниво на политичка свест и неписменост. Малку пописмен и свесен човек ќе ги дисквалификува како кампањи, со индигнација и потсмев ќе ги отфрли пораките од таквите кампањи и ќе одлучи да ги игнорира. Тоа е погрешно“, пишува Џабир Дерала во колумната „Сделано в России“.