ВЕСТ НА ДЕНОТ: Граѓаните добиваат големо намалување на трошоците за судските такси
Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес конференција истакна дека од денес на сила стапува Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси, со кој граѓаните ќе добијат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите.
„Свесни бевме дека тие трошоци беа високи, а на луѓето на кои им беше потребна правда многупати се откажуваа да ја бараат во судниците. Тоа сега се надевам дека ќе се промени, бидејќи правдата станува конкретно подостапна за сите“, изјави Маричиќ.
Маричиќ додаде дека судските такси се значително намалени од денес и ако во минатото тие можеа да стигнат и до 48 илјади денари, сега граѓаните нема да плаќаат повеќе од 6 илјади денари.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Маричиќ: Ќе се зајакне легислатива за заштита на новинарите
„Министерството за правда и јас како министер повеќе пати ги има недвосмилено осудено сите напади или каков било заплашување и застрашување кон медиумите и новинарите. Ние имавме веќе една работна средба со ЗНМ и ССНМ и со Советот за етика, отворени сме за разговор со сите постоечки медиумски здруженија во државата. Ги отворивме овие теми кои се поврзани со зајакната легислатива за заштита на новинарите и генерално на медиусмките работници, веќе таа идеја е пренесена во групата која работи на Кривичниот законик или на создавање на нов Кривичен законик во кој имаме зајакната законска рамка за оние кривични дела кои се потешки кривични дела сторени против медиумски работници, да има зголемени казни. Мислам дека во текот на креирањето на овој Закон ќе продолжиме да разговараме со сите медиумски работници за да најдеме решение кое ќе ја зајакне и законската рамка, но уште поважно и праксата на институциите за заштита на медиумите и новинарите од говор на омраза или пак кривични дела предизвикани од омраза. Така што, ги поканувам медиумските здруженија да продолжиме да разговараме на оваа тема и да најдеме соодветно решение во Кривичниот законик, а паралелно со тоа да се разговара и со Јавното обвинителство и со судството, бидејќи сигурен сум дека на оваа тема можеме да имаме и дополнителна едукација на кадрите и во извршната власт, меѓутоа и во обвинителството и во судството за тоа како подобро да се заштитат медиумските работници при нивната секојдневна работа и соочување со евентуални напади или говор на омраза“, одговори Маричиќ на прашање на ЦИВИЛ Медиа: Што ќе направи Министерството за правно да се заштитат новинарите кои се вербално и физички нападнати?
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
СКЕН – политички видео магазин: Солидарност во време на Ковид-19
Човековите права и пандемијата: Кога слободата на говор заслужува приговор
ФЛЕШ ВЕСТИ
Собранието денеска ја продолжува расправата за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Кацарска за уставен судија ја предложи Судскиот совет, на крајот на септември.
Иднината на Западен Балкан е во создавањето заеднички регионален пазар, порачаа министрите за економија
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи до Јавното обвинителство за гоненење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување, при вршење на јавни набавки“, од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, против четири члена на Државната изборна комисија и еден управител и сопственик на правно лице.
Посакувам нашите соседи да бидат моторот, а не кочницата во нашиот процес на интеграција и заеднички да ги уживаме придобивките од политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќање на видео конференцијата посветена за Западен Балкан по 2020 година – акции и одлуки во време на пандемија.
Светскиот ден на ромскиот јазик се одбележува денеска, 5 ноември, прогласен во 2015 година од УНЕСКО и повика на зачувување на ромскиот мајчин јазик, традиција и вредностите на ромската заедница насекаде низ светот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Жестоко изборно финале во САД. Ситуацијата се менува од минута во минута, па затоа е важно да се каже и датумот и времето на овој обид да се скенира овој светски настан, американските избори, кој има силно влијание на животот на секој жив човек на планетата: 5 ноември 2020, 15 часот по средноевропско време“, пишува Џабир Дерала во колумната „Кога Америка ќе кивне…“.
А. Петровска