ВЕСТ НА ДЕНОТ Државниот инспекторат за труд не констатирал неправилности во спроведување на протоколите за заштита од Ковид-19 во Собранието
Собранието соопшти дека Државниот инспекторат за труд при Министерството за труд и социјална политика на 19 април изврши вонреден инспекциски надзор во врска со спроведување на мерките, протоколите и препораките за заштита од Ковид-19, по што достави Записник до Собранието.
Во записникот се наведува дека при надзорот извршен на ден 19.04.2021 година не се констатирани неправилности. Мерките предвидени со наведената регулатива се во целост обезбедени од страна на Собранието на Република Северна Македонија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Заев: Во глобална пандемија рекорден број апликации на јавните повици на ФИТР
„Наша најважна обврска како Влада е да креираме општество и образовен систем кој ќе создава млади нови генерации со критична мисла, кои ќе бидат креативни и иновативни. Во тоа сме успеале тогаш кога младите почнуваат да бидат љубопитни, да ги ставаат на тест сите информации кои стигаат до нив и кога почнуваат да се прашуваат дали може подобро. Тоа е основата и суштината на иновацијата.Знам дека економскиот раст на една држава во најголем процент се должи на традиционалните инвестиции, но иновативноста е тоа што ја прави разликата, што не движи напред и не прави конкурентни на светскиот пазар и создава дополнителна вредност како за претпријатијата, така и за државата“, наведе премиерот Зоран Заев на панел дискусија „Со инвестиции во иновации до одржлив економски раст и развој“ во организација на ФИТР
МУЛТИКУЛТУРА Во пресрет на Европскиот месец на различностите: Фокус на етничките заедници
Една од заложбите на Европската комисија е и промовирање на различноста и вклученоста и борба против дискриминацијата на долгорочни основи, преку законодавството на земјите членки со цел да се постигне еднаквост во сите сфери на општеството и да им се овозможи на милиони луѓе да го достигнат својот целосен потенцијал. Сепак, сите ние – јавни институции, приватни компании, непрофитни организации, градови… сите треба да работиме заедно за да изградиме еднакви и инклузивни средини. Особено сега, за време на пандемијата КОВИД-19, кога различноста и вклученоста се изложени на ризик…
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Тимовите на ЦИВИЛ денеска во посета на Кочани и Трајаново трло“ со голем број прашања и репортажа за меѓуетничките тензии, зедоа повеќе изјави од релевантни извори и прибраа информации и сведоштва од теренот. ФЛЕШ ВЕСТИ
СТРАТЕГИЈА Со цел Собранието да има увид во спроведување на Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси 2021-2025, во текот на годината ќе организира надзорни комисии која ќе повикува одговорни лица од одредени сектори, но и претставници на ДКСК кои ќе треба да дадат отчет за сработеното.
ПРИЈАВА Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против Ј.С. од с. Шишево, општина Сарај и против правно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, казниво по член 230 став 1 од Кривичниот законик.
СТАВ Владата со целиот капацитет ќе се насочи кон тоа повеќе да нема случаи на притисоци врз новинари и медиуми кои се наведени во документот“, изјави владиниот портпарол Душко Арсовски соопштувајќи го ставот на Владата за последниот извештај на организацијата „Репортери без граници“.
ИНВЕСТИЦИИ Договор за државна помош од 16 милиони евра денеска потпиша Владата со германската компанија „Дрекселмајер“ со кој е предвидено изградба на нова производствена линија во објектот на компанијата во Кавадарци, како и изградба на производствен погон во Куманово во кој ќе се вработат 1.000 лица
АРМИЈА Секој припадник на Армијата на Република Северна Македонија, покрај новата теренска униформа набавена минатата година, во својата лична опрема ќе добие нова гортекс униформа, донација од нашиот долгогодишен поддржувач и сојузник во НАТО Алијансата, Република Турција.
ОДЛУКА На почеток, со 92 гласови „за“, ниту еден воздржан или против, пратениците во Собранието ја донесоа Одлуката за прогласување кризна состојба на дел од територијата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти и заради заштита на јавното здравје во услови на пандемија.
ВЛАДА Владата на Република Северна Македонија на денешната 66-та седница го усвои Шестиот пакет антикризни економски мерки вреден 17,8 милиони евра за поддршка на дејностите кои беа целосно затворени со цел превенирање на ширењето на корона вирусот во текот на месец април 2021, како и за подобрување на ликвидноста на компаниите кои инвестираат во текот на 2021 година.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Овие што во Собранието со години „мотаат чалми“ и „трлаат лен“, со намера по разни парламентарни поводи да ја одложат иднината, а за кои редовно – речиси без исклучок – бидуваат финално надиграни од тенкото мнозинство на власта на теми кои се протегаат од ситни законски корекции, до крупни двотретински реформски зафати (вклучително и промена на Устав), решија да тужат заради она, некни, „скафандерско“ изгласување на финансиската помош за десетици илјади работници и фирми. Тие да се прашуваа, корона-платите ќе стигнеа до работниците не со два месеци задоцнување, туку со две години одложување.
По обичај, нè очекуваат неколку недели на пост-фестум лелекање заради нивниот неуспешен обид за блокирање на пресудната државна помош, со предвидлив политички резултат: на регистарот на обвинувања за власта, покрај целиот дијапазон квалификативи за неспособност и криминализираност, сега и официјално е додаден тероризмот. Тоа значи дека Алан Форд од Левица, конечно, им го испил мозокот. Следната фаза е „По шумама и горама““, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна Злостор и казна, со поинаков исход
„А и пратениците се слаби актери, затоа што најчесто глумат додека се обидуваат да ги објаснат замислите на партиските раководства. Актерите играат текстови кои се одраз на вистинскиот живот. Театарот е пресериозна работа за да биде дел од политичкиот контекст, практикуван на наш начин.
Можеби и сите сме дел од некоја арена, каде однапред ни се поставени улогите и во зависност од дневната улога, ги менуваме костимите и капите. А пишувањето статуси на социјалните мрежи е можеби најбргу менување на капата и тоа дигитално за да се остане во актуелноста. Од овие, за мене сѐ уште неразјаснети термини и појави, единствено успевам да избегам, потсетувајќи се на некои ликови и случки поврзани со нив, а на кои не сум успеал да им дадам важност, затоа што во тоа време и не сум ги разбирал“, пишува Војо Маневски во Капа за глава
„Нормално е дека треба да се гради, да се инвестира, да се урбанизира, да се заработува и нормално е, како што е најчесто во строгиот центар на сите метрополи во светот, да преовладуваат висококатници од бетон и челик, зошто исклучок од тоа да е Скопје. Овде не станува збор за таква дилема туку огорченоста и незадоволството кај дел од јавноста е поради начинот на кој се реализираат овие проекти. Само доследно спроведени постапки, процедури, законитост, јавна расправа, транспарентност, стручност, одговорност, отчетност, етичност и многу други активности ќе ја убедат јавноста во оправданоста и целисходноста од реализација на соодветниот проект“, пишува Перо Наумовски во Белград на вода, Скопје на Вардар, Тетово на диво
Б. Ј.