ВЕСТ НА ДЕНОТ: Расправа по амандманите за буџетот – Секој издржан и реален проект ќе го прифатиме, вели заменик-министерот за финансии
Во Собранието од денеска се расправа по поднесените амандмани на Предлог-буџетот за 2021 година. Амандманите се разгледуваат во рамки на расправата во Комисијата за финансирање и буџет, а најголемиот број се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На предлог-текстот се поднесени вкупно 528 амандмани, најголемиот дел од ВМРО-ДПМНЕ – 390 и останатите од Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА, објавено викендов, наведе дека се разгледуваат амандманите во Министерството за финансии и дека секој предлог што е добар, издржан и реален ќе се обидат да најдат средства и да биде прифатен.
-Има повеќе амандмани, најголем дел се од областа на транспорт и врски, од локална инфраструктура, водоводи и слично. Со големо внимание тимот во Министерството за финансии ги разгледуваме сите и ја очекуваме амандманската расправа. Можам да кажам дека секој предлог кој е добар и воедно издржан, образложен, реален предлог, предлог кој е за доброто на граѓаните, ние ќе настојуваме да најдеме средства и да го прифатиме. Парламентот треба да биде место каде се дебатираат идеи како да го направиме подобар животот на граѓаните, истакна Ковачевски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Мучева: Чекориме бавно, но на добар пат да бидеме еднакви во различностите
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ:
Следната станица е Европа, ЦИВИЛ го стартува Фестивалот на слободата
По повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, ЦИВИЛ го организира мултимедијалниот Фестивал на слободата, кој оваа година е под мотото „Следна станица: Европа“. Фестивалот стартува на 1 декември со две панел дискустии, со централен мултимедијален настан што ќе се одржи во четврток на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.
Фестивалот ќе опфати голем број учесници кои ќе говорат на повеќе панел дискусии и конференции. Дел од темите се: изборните реформи и гласачкото право, пандемијата и инфодемијата, социјалната правда и дискриминацијата, како и низа други теми во доменот на човековите права и слободи. На панел дискусиите и конференциите се поканети експерти, граѓански активисти, високи владини претставници, претставници на медиумите и други.
Панел дискусија на ЦИВИЛ: Пандемија и инфодемија
Фестивалот на слободата во организација на ЦИВИЛ, по повод Меѓународниот ден на човековите права, организира панел дискусија „Пандемија и инфодемија“, на 1 декември, со почеток во 15 часот во хотел Парк Резиденс, Скопје.
На панелот како говорници ќе учествуваат Јасна Бачовска, унивезитетска професорка, Елида Зулбеари, уредничка на Порталб, Филип Стојановски од Метаморфозис, Флака Положани, посебен советник за медиуми и радиодифузната дејност при МИОА и Петрит Сарачини, медиумски експерт и член на ЦИВИЛ. Панел дискусијата ќе ја модерира Дехран Муратов.
Панел дискусија на ЦИВИЛ за изборните реформи: Желбите наспроти реалноста
Фестивалот на слободата во организација на ЦИВИЛ, по повод Меѓународниот ден на човековите права, стартува со панел дискусија „Изборни реформи: Желбите наспроти реалноста“, на 1 декември, со почеток во 12 часот во хотел Парк Резиденс, Скопје.
На панелот како говорници ќе учествуваат Оливер Деркоски, претседател на ДИК, Катица Николовска, член на ДКСК, Радмила Лазареска Геровска од Министерство за правда и Благица Димитровска, претседателка на здружението Инклузива. Претставници од ЦИВИЛ ќе бидат Петрит Сарачини и Џабир Дерала. Панел дискусијата ќе ја модерира Биљана Јордановска.
ФЛЕШ ВЕСТИ:
Допрва ќе се одлучува кој ќе продолжи да работи во недела, коморите порачуваат да не се брза со решението.
Во процес е изготвувањето на моделот за прочистување на судството, постојат повеќе аспекти кои што треба да се докомплетираат, но многу скоро ќе го имаме, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ, прашан до каде е најавеното прочистување на судството.
Ситуацијата е под контрола и сите коишто пројавиле посериозни симптоми или им треба болничко лекување веднаш им е прекинато извршување на казната и се упатени на болничко лечење, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.
ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе протестира во 11 градови, СДСМ смета дека Мицкоски работи против државата.
Состојбата по болниците се стабилизира, рече министерот за здравство, Венко Филипче на денешниот состанок со директорите на КОВИД-центрите во комплексот „Мајка Тереза“, а медицински персонал на Армијата ќе помага во борбата против Ковид.
Во земјава околу 15.000 работни места се изгубени за време на корона пандемијата, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, повикувајќи се на податоците од Агенцијата за вработување.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Со оглед на последниот бараж од навреди што за викендов ни ги испорача Софија (Борисов, имено, во интервју за германски ФАЦ, тврди дека бугарските комунисти и сталинистичка Москва ги претворале овдешните Бугари во Македонци и сл.), се чини дека наскоро може да се очекува решавачки пробив по прашањето на започнувањето на македонските преговори со ЕУ во декември“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Бугарија во челустите на сопствената политика (само за 18+)“.
„Во Северна Македонија злосторствата од омраза се реалност за којашто зборуваат само невладините организации. Де јуре, злосторствата од омраза во нашата земја се казниви по закон. Кривичниот закон на Северна Македонија е исполнет два пати во врска со ова прашање, во далечната 2009 година, и сега во 2018 година. Како и за многу други прашања, законот предвидува заштита за граѓаните од оваа форма на злосторства, но сепак, де факто, спроведувањето на овие диспозиции во пракса, оставаат многу …“, пишува Беса Арифи во колумната „Игнорирањето не е решение“.
А. П.