ВЕСТ НА ДЕНОТ
Најтранспарентни се правда и одбрана, објавен Индексот на транспарентноста
Активната транспарентност на министерствата, Владата и на општините во 2021 година изнесува 63 проценти и е подобрена за пет процентни поени во однос на минатата година, покажува годишното рангирање на институциите според Индексот на активна транспаретност што го изработува Центарот за граѓански комуникации.
За првпат сега две институции и тоа Министерството за одбрана и општина Карпош имаат максимални 100 проценти транспарентност, односно ги објавуваат сите предвидени информации.
Најмалку информации, министерствата објавуваат за финансиите, а општините за прашањата од нивната надлежност.
Од регионите, на прво место е Источниот регион со 74 проценти транспарентност, а последен е Скопскиот регион со 49 проценти.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Николовски на специјалната сесија на ООН за борба против корупција: Корупцијата и криминалот не познаваат граници, мора да бидеме единствени во заложбите, да изградиме подобар свет за сите нас
„Борбата против корупцијата е клучен приоритет во владината рамка „Акција 21“, и тоа е резултат на нашата силна определба за воведување на систем кој генерира и испорачува правда, правна држава, ред и поредок. Нашата политичка волја и напори за спречување на корупцијата е јасна и недвосмислена. Преку спроведување и имплементација на Конвенцијата на Обединети Нации против корупцијата, како и преку Планот на Владата за борба против корупција, создаваме општество во кое нема да има место за корупција, општество во кое се почитува правото и заштитата на човековите права за секој граѓанин. И тоа е нашиот влог во иднината, за подобар живот и за просперитетна држава со силни институции.
Корупцијата и криминалот не познаваат граници, мора да бидеме единствени во заложбите кои ги преземаме на Генералното собрание на Обединети Нации, а кои се пренесуваат во целиот свет. Ова е заедничка инвестиција, со која ќе изградиме подобар свет за сите нас“, посочи вицепремиерот Николовски во видео обраќање на посебната седница на Генералното собрание на Организацијата на Обединети Нации против корупција – 2021, на којашто учествуваа земјите – потписнички на Конвенцијата против корупција на Обединетите нации.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДУЕЛ Премиерот Зоран Заев денеска истакна дека е подготвен за дуел со опозицијата, посочувајќи дека многу е важно да се посветат на работите што се договорени на последната лидерска средба. Таму, како што рече, имаме договорени сериозни работи кои носат свои обврски.
– Дуел секојпат е прифатлив, тоа може да значи информација повеќе за граѓаните, комплетно отворање на сите важни прашања и секако секој пат сум подготвен да разговараме за се, додаде Заев.
Економија До 31 мај 2021 година плата на своите вработени не им дале вкупно 181 работодавач кои добиле финансиска поддршка од државата за февруари и март. Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца.
Одговорност Сојузот на Синдикатите на Македонија бара, освен парични, да има и затворски казни до една година за оние работодавачи кои нема да им исплатат плати на работниците иако за тоа добиле субвенции од државата.
Коалиции Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска не одговори на прашањето дали неговата партија и ДУИ на локалните избори ќе настапат со заеднички кандидат за градоначалник по информациите во јавноста што произлегоа по вчерашната изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети дадена во Липково дека на 5 јуни (сабота) ќе излезе со „платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за првиот албански премиер“. Заев рече дека ДУИ има убава работа да соопшти во сабота, без да навлегува во детали, и оти таа е во целосна корелација со работењето на Владата
Вакцини Во координација со Европската Комисија, Грција ќе испрати по 20 000 дози од вакцините за Северна Македонија и Албанија, потврди портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони.
Правда Со изведување материјални докази предложени од одбраната, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за невладината организација „Меѓународен сојуз“, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица.
Безбедност Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска прашан од новинарите дали МВР презема нешто околу најавата за формирање политичка партија „Република Илирида“ беше дециден дека за тоа што е во делот на следење на состојбите во однос на радикализмот или екстремизмот, постојат служби што работат не само во МВР, туку и во Агенцијата за национална безбедност (АНБ)
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Европски перспективи во Куманово
Тимот на ЦИВИЛ денеска беше во Куманово на работна средба и интервјуа со градоначалникот Максим Димитриевски и претставници на граѓанското општество на тема „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свеста и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“.
ЦИВИЛ утре во Велес со работилница за европските вредности и мултикултурата на локално ниво
ЦИВИЛ организира работилница на тема „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свеста и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“ во Велес, во општинската сала, на 4 јуни (петок), со почеток во 13 часот.
Ова е само дел од активностите на ЦИВИЛ во напорите да се придонесе кон запознавање, мотивирање и мобилизирање на општеството на сите нивоа и во сите сектори. Конкретно, со оваа работилница се продолжува директната соработка на ЦИВИЛ со општините во креирањето успешни модели за граѓанско учество во процесите на носење одлуки на локално ниво во овие исклучително важно области.
Работилницата е дел од проектот „Европски перспективи“ што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
МУЛТИКУЛТУРА
Извадоци од јавниот настан на ЦИВИЛ „Можеме ли заедно?“
„Па кога веќе се бавиш со актерство, и кога осознаваме различни луѓе со различни навики, различни од нас самите, од позитивни страни до негативни, бидејќи некогаш ќе играме девици но некогаш ќе играме и убијци, па и убијците треба да ги разбереме на сцена. Тогаш разбирам дека во сржта, сите луѓе се исти, баш кога ги спремам улогите, и дека сите позади нас имаме некакво минато кое не тера на некакво однесување. И доаѓаме до тоа дека мене актерството впрочем секојдневно ме учи да ги почитувам различностите, ме учи дека сум дете на светот, дека искрено за мене лично како Владанка не постојат нации, не постојат поделби, бидејќи на крај на денот сите сме од крви и месо, сите плачеме и се смееме на ист начин и еднакво не боли„ истакна актерката Владанка Димковска на јавниот настан на ЦИВИЛ на тема „Можеме ли заедно?“
„Во последниве 5 години сум активен студент по психотерапија и тоа ми помага за искрено да ги сфатам работите кои сум ги правела порано и ми доаѓале природно, сега им се дава теоретска позадина, за да се поткрепи тоа и да се види што точно се случува. Кога зборуваме за мултикултурализам, недискриминација, за прифаќање на различностите, за живеење со сите заедно од психолошка гледна точка, тоа може да се види како потреба за контакт“ истакна Лиса Баута Шаќири на јавниот настан на ЦИВИЛ на тема „Можеме ли заедно?“
Дијана Тахири