ВЕСТ НА ДЕНОТ: На јавниот настан на ЦИВИЛ “Можеме ли заедно?“ панелистите едногласни дека можеме заедно
ЦИВИЛ одржа јавен настан на тема „Можеме ли заедно?“ на кој стана збор за тоа кои се придобивките кога различните заедници работат и живеат заедно. На настанот учествуваа активистката Лиса Баута Шаќири, актерката Владанка Димковска и Ванчо Орданоски, сопственик на бизнис во ИТ секторот.
„Во бизнисот важат правила различни од обичното живеење. Во бизнисот има правило дека бизнисот постои за да прави пари. Во најголема мерка вработените се бираат дали ќе се исполни улогата за да се исполни работното место и дали вработениот ќе биде добар работник“, истакна Ванчо Орданоски.
„Кога веќе се бавиш со актерство, некогаш играме девици некогаш играме убијци. Актерството секојдневно ме учи да ги почитувам различностите. Преку актерството го живеам светот. Нас секој подеднакво не боли, сите сме од крв и месо. Ние истите текстови ги правиме само на различни јазици (македонски/албански). Ние често на сцена преку емоции комуницираме некогаш не треба ниту да зборуваме“, истакна актерката Владанка Димковска
„Во последниве 5 години сум активен студент по психотерапија и тоа ми помага да ги сфатам работите кои сум ги правела порано и сум ги правела природно, сега им се дава теоретска позадина. Кога зборуваме за мултикултурализам, недискриминација, за прифаќање на различностите, од психолошка точка може да се каже дека е потреба за контакт“, истакна активистката Лиса Баута Шаќири.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Заев: Парламентарното мнозинство може само да се зголемува, а не да се намалува
„Одговорно тврдам дека парламентарното мнозинство може да расте, а не да паѓа. Ќе се обидам на наједноставен начин тоа да го објаснам, а е врзано со политиките кои ги води власта предводена од СДСМ и опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е основата дали ќе има миграција на пратеници од лево кон десно или од десно кон лево. Нека ценат сите стручни експерти дали има реална основа да ја зголемиме бројка на поддршка на пратеници на сето ова што го зборуваме за проекти, европска интеграција, за подобрување на државата“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по увидот во изградбата на детска градинка во општина Аеродром.
Добрите политики се отсликуваат и во држење и на стабилното мултиетничко општество, јасните економски перспективи, економски мерки кои повлекуваат зголемување на просечната и минималната плата, како и подобар стандард на граѓаните воопшто.
Тоа се политики на оваа Влада. Сето друго е ризикот кој треба да го прифатиме. Мојот прв опонент Христијан Мицкоски „С“ од Северна не употребува, може да замислите што ќе биде во државата. И, зошто да одиме на парламентарни избори? Зарем не е потребно да дадеме еден мандат од четири години конечно и власта да покаже што може и економските бенефити да ги почувствуваат граѓаните.
Сите овие политики кои ги спроведуваме години наназад, без разлика дали се работи за Договорот со Бугарија, Законот за употреба на јазиците, Договорот со Грција, членството во НАТО… тоа се е заради поголем економски стандард и поквалитетен живот на граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Државната изборна комисија денеска по случаен избор ги бираа членовите на Општинските изборни комисии, чија мандат ќе трае пет години. Според Изборниот законик, по распишување на изборите, Министерството за информатичко општество и администрација достава список на службеници во јавната администрација.
Технологии Денеска Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со компанијата Рош Македонија и Министерство за здравство и Управата за електронско здравство како партнери во имплементацијата објави повик за учество на првиот хакатон: „Е-Здравство”, на кој се бараат иновативни мобилни апликации или веб-сајт за подобро управување со здравствениот систем, превенција, подобро менаџирање на високоризични групи на пациенти и намалување на ризикот од малигни заболувања.
Економија Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска изјави дека како Влада ќе препорачаат да нема зголемување на цената на струјата, но оти не можат да донесат таква одлука.
Терминали за отпечатоци од прсти Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски денеска изјави дека нема да има одлагање на локалните избори, по поништувањето на првиот тендер за набавка на терминали за отчитување на биометриски податоци на граѓаните. Повторениот тендер е објавен вчера.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ утре во Куманово со работилница за европските вредности и мултикултурата на локално ниво
ЦИВИЛ организира работилница на тема „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свеста и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“ во Занаетчиски дом, Куманово, на 3 јуни (четврток), со почеток во 11 часот.
Брифинг и интервју за Стратегијата „Едно општество за сите“
Претставниците на ЦИВИЛ денеска одржаа работен состанок (брифинг) и со Националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски, посветен на Стратегијата „Едно општество за сите“, по што следеше и интервју. Резултатите од брифинзите со претставнички и претставници на Владата, локалната самоуправа, граѓанското општество и медиумите се дел од анализите и креирањето документи за политики и препораки на ЦИВИЛ. Интервјуто со Алаѓозовски ќе биде објавено кон крајот на оваа недела.
Ова е само дел од активностите на ЦИВИЛ во напорите да се придонесе кон запознавање, мотивирање и мобилизирање на општеството на сите нивоа и во сите сектори. Конкретно, со утрешната работилница во Куманово и денешниот брифинг со Алаѓозовски, се продолжува серијата активности, настани и медиумска продукција со која ЦИВИЛ учествува во креирањето успешни модели за граѓанско учество во клучните процеси во општеството.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ако филмот „Сенките над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ и Стеван Копривица нè враќаат во едно време на балканските превирања за кое мислевме дека е неповратно влезено во историјата, актуелните случувања во регионот и посебно во и околу Македонија сериозно се закануваат да ги оживеат сеништата на минатото. Со тоа не само што го загрозуваат територијалниот интегритет на државите настанати после распадот на СФРЈ туку и регионалниот мир. Пробните балони кои се лансираат од политичките, разузнавачките и други центри на моќ во регионот и Европа тоа и го докажуваат. Ако сакаме да живееме во Европски дом, таму нема место за овие сеништа.
Зошто ова се случува и кои се креатори на овие идеи?
На оваа тема специјално за ЦИВИЛ МЕДИА говорат: д-р. Владан Јовановиќ, историчар од Институт за понова историја на Србија во Белград , Нерзук Ќурак, професор на Факултет за политички науки во Сараево, Јелица Миниќ претседателка на Европското движење во Србија, Тања Топиќ, политичка аналитичарка од Бања Лука, Исмет Круезију, политички аналитичар и шеф на канцеларијата Траспаренси интернешенел за Косово. Пренесуваме и мислења и ставови на референтни европски и домашни политичари, политички аналитичари и дипломати во анализата на Александар Николиќ Писарев Сеништата на минатото (1)
Преобликувањето и прeобмислувањето на севкупниот образовен систем, и тоа на сите негови нивоа, е ставено во центарот на економското закрепнување и на јакнењето на општествената отпорност како европски пост-пандемски приоритет, усогласен со „двојната транзиција“ (дигитална и зелена) на Европската унија, која, пак самата, е усогласена со глобалните индикатори на одржлив економски развој до 2030 поставени од Обединетите нации (УНЕСКО). Образованието е во сржта на овие процеси бидејќи ги усогласува своите заложби со процесите на научна иновација, со цел и глобално, но и како континент и регион, економијата да транзитира кон потполно зелена економија. Дигитализацијата е препознаена како еден од клучните начини да се премине кон зелена и одржлива економија – целта е да се намали јаглеродниот отпечаток со намалување на непотребни патувања, користење хартија, намалена потреба од градежни зафати за активности кои може да се изведуваат онлајн, и слично.
За сево ова да стане стварност, потребно е креирање на работна сила која ќе создава нов пазар на труд и нови форми на економија, наместо произведување работна сила за постојниот пазар кој е веќе во изумирање (благодарение на глобалниот тренд на автоматизација на трудот, кој нема да нè одмине). Овој економски натпревар на глобално ниво произлегува од научни откритија кои се, всушност, погонот на економското напредување, а овој тип на економија веќе го заменува спекулативниот (берзански) тип на глобална економија, пишува проф. Катерина Колозова во анализата Зошто е нужна сеопфатна и научно втемелена анализа на политики за одржливи реформи во образовниот систем?
Дијана Тахири