Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга утре ќе се одржи изложба на фотографии, разговори на панел-дискусија на тема „Пристапност“ и проекција на филм, во организација на Амбасадата на Шведска.Изложбата „Пристапност“ (AccessAbility) е дел од петтото издание на фестивалот „ДримОн“ во Струга кој е под мотото „Градиме нови генерации“ и ќе биде изложена од 27 до 30 јули 2017 год. Таа се состои од 25 портрети кои ги презентираат не само предизвиците, туку и успесите на лицата со попреченост во Шведска и Македонија, креирајќи го нејзиниот тон.
Со објективот на фоторепортерот Томислав Георгиев се забележани животните приказни на единаесет личности од Македонија, како гласноговорниците на денешницата во Македонија, но и на онаа реалност која допрва треба да се воспостави и кон која полека се чекори.
Шведскиот дел од изложбата е базиран врз 14 индивидуални приказни, портретирани од фотографот Маркус Марчетиќ и исполнети со соништа, надеж и тага, радост и љубов, семејство, работа и секојдневие.
Автори на текстовите кои се составен дел од изложбата се Рикард Лагерберг за шведскиот, како и Небојша Илијевски за македонскиот дел. Текстовите ќе бидат на македонски и на албански јазик.
По отварањето на изложбата, Александар Матовски Цако, еден од истакнатите борци за човекови права и правата на лицата со Даунов синдром, како и еден од моделите на изложбата, ќе ја раскаже неговата перспектива за секојдневните предизвици на лицата со попреченост.
По неговиот говор, на панелот организиран во соработка со агенцијата Холистик, Игор Шајноски и Анита Гаговска Шутиноска од Центарот „Порака Нова“, ќе зборуваат за пристапноста како нешто многу повеќе од обезбедување на услови во нашето физичко опкружување, отварајќи простор за разговор на темите за пристапност на лицата со попреченост до нивните загарантирани права, но и за пристапноста до свесноста на граѓанинот за секојдневните предизвици со кои овие лица се среќаваат во опкружувањето кое го делиме.
На крајот на овој фестивалски блок, по 21 часот ќе биде прикажан и шведскиот филм „Како да ги врзам врвките“ во режија на Лена Копел, што се базира на вистинитата приказна за театарската трупа „Среќен Худик“.