Кабинетот на Ѓорге Иванов доцна синоќа соопшти дека се одржала средба на која присуствувале тој, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и претседателот ДУИ, Али Ахмети.
Средбата се одржала во „Вила Водно”, резиденцијата на Иванов, како „резултат на претходно започнатите разговори“ – се вели во соопштението – „беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија и се разговараше за решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, а која што предизвикува загриженост кај граѓаните“.
Без многу детали, соопштението од Кабинетот на Иванов само дополнително информира дека „соговорниците се согласија дека е неопходно сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог, во функција на помирување и нормализирање на политичките процеси, како основа за продолжување на реформските приоритети на Република Македонија. За прашањата кои предизвикаа интерес на оваа средба, разговорите ќе продолжат и во иднина.“
Овие состаноци предизвикуваат сомнеж и остри критики во јавноста и на социјалните мрежи, поради недоволната транспарентност. Не е јасно зошто би се среќавале овие високи државно-партиски функционери, ако во земјата конечно профункционирал, колку толку, правниот систем. За што би разговарале сега, по толку години отсуство на политичкиот дијалог?Граѓанките и граѓаните очекуваат повеќе информации, а секако и повеќе и подинамично враќање на владеењето на правото во земјата.
Притоа, Иванов сноси огромен дел од одговорноста за ескалацијата на политичката криза во земјата. Во своите јавни настапи, иако колебливи, тој сѐ уште отворено ја поддржува иницијативата која и официјално стои зад протестите кои ескалираа или беа употребени како алатка за терористички напад на системот. Оттаму, оправдано е прашањето со кој кредибилитет Иванов може да биде домаќин на вакви и слични настани.
Џ.Д.