Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, има полна агенда и во понеделник, ќе нема време да се сретне со високиот претставник на Стејт департментот, Хојт Брајан Ји. Заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, ќе има средби со партиските лидери, но не и со Иванов, објави „Дојче Веле“, повикувајќи се на партиски извори.
Минатата недела Стејт Департментот побара итно да се деблокира политичкиот процес во Македонија и најави санкции за политичарите, што ќе ја блокираат и натаму следната постизборна фаза што треба да се заокружи со формирање нова влада.
Хојт Ји во изјава за „Гласот на Америка“ на македонски јазик, во средината на јануари, рече дека политичките партии треба да најдат начин да формираат коалициона влада.