Референдум – за и против членство во ЕУ
ВМРО-ДПМНЕ ќе почне постапка за граѓанска иницијатива за собирање потписи за распишување на задолжителен референдум. Референдумското прашање, како што изјави вечерва лидерот на партијата Христијан Мицкоски, ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија кој Заев го склучи со Борисов, како „извор и почеток на сите проблеми за Македонија и основата по која потоа Бугарија ги темелеше своите максималистички барања и позиции
„Референдумското прашање предлагаме да гласи и како такво денеска го усвои и потврди Извршниот комитет на партијата: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?, изјави Мицкоски по завршувањето на седницата на ИК на партијата, којшто го усвоил референдумското прашање.
Мицкоски порача дека наредната недела ќе соберат најмалку 100 квалификувани потписи, по што иницијативата ќе биде доставена до Собранието, а првопотпишан ќе биде тој.
Раскинувањето на овој договор, според него, ќе значи раскинување на барањата за промена на учебници, спорење на јазикот историјата, културата итн.
Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија без никакви дилеми, но, не поддржува асимилација, промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување.
*
СДСМ излезе со соопштение по повод започнувањето на постапка од страна на ВМРО-ДПМНЕ за задолжителен референдум за укинување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во кое укажуваат дека референдум против ЕУ, против македонски јазик во Унијата, нема поддршка од граѓаните и нема да успее и дека ова е погрешен начин на Мицкоски за спас на својата фотелја.
Од СДСМ набројуваат неколку факти кои потврдуваат колкаво е лицемерието и неискреноста на Мицкоски.
-
Токму Христијан Мицкоски го поддржа Договорот со Бугарија на средба со поранешниот премиер Борисов, и тоа на чист бугарски јазик.
-
Иако Договорот е ратификуван пред 4 години Мицкоски дури сега го прави овој очаен чекор затоа што му се тресе фотелјата во ВМРО-ДПМНЕ.
-
Про-европското крило во ВМРО-ДПМНЕ станува се посилно, не се согласува со Мицкоски и сака да продолжи европскиот пат на земјата.
-
Мицкоски бараше референдум и за Преспанскиот договор, потоа го бојкотираше и на крај рече дека го прифаќа.
-
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по налог на Мицкоски не гласаа во македонското Собрание туку избегаа, сега сакаат одговорноста да им ја префрлат на членовите на партијата.
Референдум против членство во ЕУ, против македонски јазик во Унијата, нема поддршка од граѓаните, нема поддршка од опозициските партии и нема да успее. Државата нема да застане, се вели меѓу другото во соопштението од СДСМ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Освен што такво нешто е крајно неморално и никој нормален тоа не го размислува да го направи, исто така едното го исклучува другото.
Вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето“, изјави претседателот Стево Пендаровски денеска во одговор на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АПЕЛАЦИЈА Петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година останува терористички акт, а Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ ги убиле четирите момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Според објавената пресуда на сајтот на Апелација, жалбите на петтемина обвинети се одбиваат, се потврдуваат казните, од кои три се доживотна робија.
ПРАВДА Се одложи судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово поради отсуство на дел од обвинетите и истото се презакажа за 14 октомври во 10 часот.
ОЈО Тетово на 27 јули поднесе обвинителен акт до Основниот суд Тетово, со кој ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово Ф.Б и А.Е за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Б. В за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
ЕКОНОМИЈА Владата на Република Србија на денешната седница донесе одлука за забрана за извоз на сурово и пастеризирано млеко, освен за Република Северна Македонија и Република Албанија, а со цел да се овозможи редовно снабдување со млеко на населението и да се спречи одлив на суровини надвор од границите на државата.
ЗДРАВСТВО Министерот за здравство Беким Сали денеска коментирајќи го протестот на матичните лекари изјави дека пациентите не треба да бидат жртва на одредени задоцнети политики и посочи дека не успеале да убедат само мал дел од матичните лекари, односно околу 25 проценти од нив.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Од „денацификација“ на Украина до деколонизација на Руската Федерација
„Дали Советскиот Сојуз ќе опстане до 1984 година? праша дисидентот Андреј Амалрик во својата книга. Дали Русија ќе опстане до 2024 година? – тоа е прашањето сега, пишува писателот и публицист Денис Ветров во „Февруарско утро.“
Пред некој ден Москва се сети на преговорите. Медиумите на Руската Федерација ги нарекуваат „можни“, Песков – „неопходни“. Што има за дискусија? Ахх, „наши услови“. Оние кои не се променети. На крајот на краиштата, „целите на Русија и специјалната операција ќе бидат постигнати“. Но, Кремљ има проблем: Украина е против такви преговори.
*
Руската војска дојде на украинска територија, не очекувајќи никаков отпор, но ќе избега од земјата, немајќи друга надеж за спас, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно видео обраќање.
*
Од почетокот на руската целосна инвазија на Украина, 236 деца се сметаат за исчезнати, се огласи на Фејсбук прес-службата на Канцеларијата на Народниот правобранител , пренесува Укринформ.
*
Силна експлозија го потресе привремено окупираниот град Енерходар во областа Запорижја, изјави градоначалникот на Енерходар Дмитро Орлов во објава на Телеграма, пренесува Укринформ.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Освен за политичките идеи и постапки, публиката сака да знае кога детето на Груевски, пардон, Мицкоски тргнува на првиот училиштен ден. Не мора да значи дека „ние, медиумите“ градиме култ кон авторитарните личности, та нели сме „балансирани до коска“? Власта е власт, треба секогаш да се критикува, дури и тогаш кога ја обезбедува европската иднина на земјата. Дајте да видиме што за тоа вели опозицијата и нејзините „добри познавачи“ и „аналитичари“! Тоа е балансирано новинарство!“, прочитајте во ЕS-PRESS-O -то „Балансирани до коска“ од Џабир Дерала.
„Да ја оставиме големата политика и да си го погледнеме нашето лозје и вино. Со комшијата имаме по две три лози кои ги насадиле уште нашите предци и мака мачиме да ги дочуваме до крајот на август. Те ги кроиме, те ги филизиме, прскаме двапати до Преображение и слаба фајда од нашите напори. Некаде од средината на август ги фаќа некоја болест, која половината род ни го однесе. Едноставно, грозјето пред да узрее се скапува. Деновиве ги береме последните гроздови со просечна тежина и правиме стратегија како да постапиме идната година.“, пишува Војо Маневски во колумната „Изметнување“.
„Референдумското прашање за кое очигледно на осмислувачите им требало многу време да го формулираат, е повеќе од несериозно, што упатува „сериозната“ намера и желба на Мицкоски и не знаеме уште кој од партијата, или од Будимпешта, или можеби посеверно, од некоја руска кабина, за исправување на „кривите дрини“ во однос на веќе започнатиот, а во последно време и продуктивен процес во однос на работата во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.“, прочитајте во ставот од Дијана Тахири “Референдум за „напуштање“ или утринска тривија со кафе“.
Д. Тахири