ВЕСТ НА ДЕНОТ
ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе предлог-Резолуцијата во Собранието
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска во Собранието ја поднесе Предлог – резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции по однос на евроинтеграциите и блокадите кои што се наметнуваат. Антонијо Милошоски во изјава за медиумите истакна дека оваа Предлог-резолуција во онаа форма во која што веќе беше споделена со сите пратеници е предложена со цел да помине со најширок можен консензус.
Очекувањата се дека пратениците на СДСМ, ДОМ, Левица, ДС и ЛДП кои се изјаснија за декларацијата да ги стават потписите на овој документ и во најскоро време да се изгласа.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Забрчанец: Потребна е проактивност, наместо реактивност во борбата со дезинформациите
„Во многу случаи ние први ги споделувавме информациите, а непријателите не следеа споделувајќи реакции со дезинформации. Се разбира, вообичаено се случува спротивното, ние сме тие што реагираат на дезинформација, но кога како Влада информациите ги имаме во наши раце, многу е корисно да ги споделиме јавно, да не ги криеме, туку да бидеме проактивни, транспарентни и да ги споделуваме фактите и информациите со јавноста“, кажа Забрчанец
Оваа изјава се надоврзува на неговото излагање на јавниот настан на ЦИВИЛ кога „премиерно“ промовираше нов пристап во борбата против опасните дезинформации и хибридните закани со ставот: „Промена на наративот, повеќе „за“, помалку „против“, преку транспарентност и одговорност“.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ денеска организираше работилница во Гостивар на тема: „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свест и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“. На работилницата учествуваа градоначалникот на Општина Гостивар, д-р Арбен Таравари, членови на општинскиот совет, а поканети се и претставници на невладините организации, политички партии, медиуми и заинтересирани граѓанки и граѓани.
Тимот на ЦИВИЛ одржа и инфо -штандови за промоција на европските вредности и мултикултурализмот во Тетово и Гостивар.
Рокот за аплицирање за изборни набљудувачи на ЦИВИЛ истекува на 10 јули, на полноќ, објави ЦИВИЛ. (ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА)
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОПИС Во Уставниот суд се одржа Подготвителна седница за Законот за попис, организирана како помош на судиите во изградување мислење, по што ќе следува седница каде уставните судии ќе одлучат дали да поведат постапка, да го поништат или укинат законот или ќе констатираат дека тој е согласно Уставот.
КАМПАЊА Северна Македонија се придружува на кампањата на Обединетите нации наречена „СИНО СРЦЕ“, која се стреми кон подигнување на свеста за проблемите и страдањата на жртвите на трговија со луѓе.
РАСПРАВА Граѓански организации и високообразовни институции денеска преку соопштение бараат да се одложи второто читање на Законот за управување со отпад и Законот за управување со пакување и отпад од пакување, закажано за утре во собраниската Комисија за европски прашања и претходно да се организира јавна расправа.
СУД Јавното обвинителство смета дека сите битни факти се целосно утврдени и фактичката состојба е целосно јасна и концизна, поради што не предлага повторно изведување на докази, изјави обвинителот Љубомир Лапе на преотворената постапка на судењето за предметот „Тортура”.
СРЕДБА Премиерот Зоран Заев денеска го прими поранешниот генерал на САД и поранешен командант на здружените сили на НАТО за Европа, Весли Кларк. На средбата стана збор за новата реалност за Северна Македонија и за регионот откако земјата и неколку други земји од Западен Балкан се членки на НАТО.
КОВИД-19 По детектирањето на индиската – делта варијанта на коронавирусот кај пациенти во земјава, можно е воведување мерки на границите при влез во Северна Македонија, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи
ЕДИТОРИЈАЛ
„На денешен ден, пред седум години (8 јули 2014 година), среде светско фудбалско првенство, го промовиравме извештајот „Избори 2014: Дисквалификувана демократија“. Овој извештај и самата промоција, благодарение на креативните идеи на Сашо Орданоски и илустрациите на Игор Стевковски – Стевац, беше еден од, за мене, најинтересните промотивни настани на ЦИВИЛ. Тие денови се навршија осум години од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт (по изборите во јуни 2006 година)“, се вели во денешниот ЕДИТОРИЈАЛ од Џабир Дерала на ЦИВИЛ Медиа: „Највеселото“ сведоштво за еден мрачен период“.
Б. Јордановска