Централниот Штаб на Внатрепартиската Иницијатива за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа состанок со активисти од Републичкиот штаб, 19 Окружни и сите Општински штабови низ Република Македонија. На состанокот се презентира извештајот за реализација на планот за работа за 2017 година и актуелната состојба пред закажаниот вонреден Конгрес на партијата.
Во соопштението на Реформаторите се известува дека „Централниот штаб полноважно работеше и одлучуваше во присуство на 245 од поканетите 250 активисти на ВМРО-ДПМНЕ.“ Значително мнозинство на состанокот гласаше за повеќе заклучоци. Првиот заклучок е дека „Внатрепартиската Иницијатива за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ во голем дел ги исполни зацртаните активности, согласно Планот за работа за 2017 година.“
Понатаму, се гласаше за заклучоците кои се однесуваат на целта на Иницијативата која е да се спроведе „темелна имплементација на принципите и вредностите за демократизација, модернизација, европеизација и обединување на ВМРО преку ВМРО-ДПМНЕ“.
Што се однесува до закажаниот вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, „Централниот штаб ги реафирмира принципите и вредностите наведени во Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ и Декларацијата “Европско ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија” пред личностите и борбата за преземање на обврската да се управува партијата. Од тие причини, нема да предложиме кандидат за претседател на овој Конгрес“.
Причината за ова е „начинот на кој се повика и брзината со кој се организира овој вонреден Конгрес, за жал може да биде причина за негово повторување во блиска иднина“ – се вели во соопштението на Реформаторите.
Џ.Д.