Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со премиерот Зоран Заев, со претставниците на политичките партии и други Владини претставници, утре ќе разговара за реформските прашања, што Брисел очекува да бидат спроведени во најбрз можен рок од новата Влада.
Според најавата, еврокомесарот Хан ќе учествува на седница на Владата, за која уште не се знае дали ќе биде отворена за јавноста. Прецизна агенда за средбите на Хан, сè уште нема, но се очекува да бидат презентирани преоритетните активности во спроведување на реформите.
Со изборот на новата Влада, започна и процесот за надминување на политичката криза, а според изјавите на Хан, поддршката на ЕУ ќе продолжи во континуитет – со цел Владата заеднички со опозицијата да ги спроведат до крај итните реформски приоритети и Договорот од Пржино.