„Денес е денот на демократијата. Се борам за неа и силно ја подржувам. Но, денес нема да бидам дел од прославата на денот на демократијата во Собранието на Република Македонија“, напиша на својот Фејсбук профил, пратеничката Фросина Ременски Ташевска, како објаснување за својот потег да не биде дел од одбележувањето на Светскиот ден на демократијата во парламентот.
Според неа, во законодавниот дом ќе може да се слави демократијата, единствено откако ќе биде утврдена одговорност за нападите и за нанесените повреди на пратениците од СДСМ на 24 декември 2012 и „особено по терористичкото загрозување на уставниот поредок на 27 април 2017 година!“
„Дотогаш ќе работам и ќе зборувам дека, демократијата не е обично простување или заборавање, туку свест за етика, и свест и совест за одговорност и грижа за другиот! Нека ни е честит Денот!“, пишува Ременски.