„Опозицијата треба да вложи повеќе напори за вклучување во реформските процеси на Владата“, порача денеска во Скопје, Михаил Рот, државен секретар во МНР на Германија, на заедничката прес-конференција што ја одржаа со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
Фокусот на средбата Рот – Димитров беа добрососедските односи и европските перспективи, приоритетните политики на Владата во спроведување на реформите и престојниот Самит за Западен Балкан во Трст.
„Реформите треба да се спроведат во интерес на државата и на нејзиниот народ, бидејќи иднината на Македонија е во ЕУ“, изјави Рот, потенцирајќи дека Македонија мора да ја врати изгубената доверба.
Министерот Димитров ја посочи подготвеноста за спроведување на планот со реформи, Акцискиот план 3-6-9 и подготвеноста на Македонија да продолжи со добри билатерални односи со соседните земји. Во контекст на Договорот за добрососедство со Бугарија, Димитров соопшти дека е рано да се зборува за детали од договорот, но до средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, за три недели, јавноста ќе биде информирана.
Рот се сретна и со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а вчера имаше средби со премиерот Зоран Заев и со претставници на граѓанските организации.