Што се случува во Русија, кои се проекциите по походот на платеничката војска на Пригожин, како тоа ќе се рефелектира понатаму во однос на руската агресија врз Украина, се дел од аспектите што ги опфаќа анализата на Љубомир Костовски „Пригожин ante portas“.
Во тој контекст одвојуваме дел од анализата кој ја покажува сликата на автократска Русија:
Многумина деновиве цитираат низа западни автори кои нудат слики за Русија и автократските режими во неа. Една од нив е Мадам де Стал, која е една од ретките политички теоретичарки по Француската револуција која еднаш се пошегувала дека рускиот систем на владеење е „автократија ублажена со задушување“.
Може да се очекува дека Путин ќе се обиде уште повеќе да ги стегне дизгините на оние кои ја движат руската машинерија, безбедносната во најширок смисол. Тој имаше најголема доверба во кадрите од Санкт Петерсбург од каде доаѓаат и тој и Пригожин. Дали одговорните за државна безбедност не алармирале што подготвува Пригожин? Оправдувањето веројатно лежи во фактот дека „готвачот на Кремљ“ е битен за оправдување за војната која треба бргу да се заврши, ама тоа траење ја покажува сета глупост во планирањето, за што се виновни одново безбедњаците. Пребегнувањето на единиците кои ги водеа најтешките борби на другата страна, чија и да е таа, дефинитивно ја става победата надвор од неговиот дофат.
Тиранот може да се извлече со многу работи. Тој може да убива противници, да го осиромаши својот народ, да ја изолира својата земја. Но, тој не може да се извлече со губење на војна. Тука се споменува принципот Галтиери: силен човек кој се покажува како слаб, нема да успее во давањето следни наредби, пишува во колумната, Љубомир Костовски.
На крајот да се каже дека, според ексјугословенскиот дипломат Огњен Прибичевиќ, НАТО само три пати се јавил во Москва од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина: Првиот пат веројатно бил кога тенковите ја минале украинската граница, вториот кога американскиот претседател дошол во посета на Киев, како информација која другата страна мора да ја земе предвид, а третиот пат последниот викенд. Прашањето овој пат било – што се случува тоа кај вас?
Да се знае чиј прст може да го притисне копчето за можен старт на атомската војна!